Гувернерот на Калифорнија вели дека Трамп ја напаѓа демократијата со воена интервенција во Лос Анџелес

Гувернерот на сојузната држава Калифорнија, Гавин Њусом, остро го обвини претседателот на САД, Доналд Трамп, дека претставува закана за американскиот начин на живот, оценувајќи ја воената интервенција на федералните сили во Лос Анџелес како почеток на поширока кампања за поткопување на демократските и културните норми во САД, објави агенцијата Асошиејтед прес.

Во обраќање до нацијата во вторникот вечер, Њусом, кој се смета за потенцијален демократски кандидат за претседател во 2028 година, изјави дека испраќањето на Националната гарда и маринците во Лос Анџелес по налог на Трамп не е само обид да се задушат протестите што избувнаа по серијата имиграциски рации од федералните власти. Според него, тоа е дел од пресметано „воено дејствие“ чија цел е уривање на темелите на општеството и централизирање на моќта во Белата куќа.

„Калифорнија можеби е прва, но јасно е дека тука нема да заврши. Следуваат и други држави. Следна е демократијата. Демократијата е под напад пред нашите очи. Моментот од кој се плашевме пристигна“, предупреди сериозно Њусом, седејќи пред знамињата на САД и Калифорнија.

Како лидер на сојузната држава која важи за епицентар на т.н. отпор кон Трамп, Њусом одамна е во конфронтација со републиканскиот претседател. Но, во ова обраќање кое се емитуваше во ударен термин, тој отиде чекор понатаму, тврдејќи дека Трамп не само што претставува закана за демократијата, туку активно работи на нејзиното разградување, процес кој ги поткопува темелите поставени уште со основањето на нацијата.

„Тој објави војна. Војна против културата, историјата, науката, самото знаење. Ги делегитимира медиумите и го напаѓа Првиот амандман“, рече Њусом.

Гувернерот додаде дека Трамп ги таргетира адвокатските фирми и судската власт – „темелите на уредено и цивилизирано општество“.

„Време е сите да се спротивставиме. Најмногу што Трамп посакува е вашата покорност, вашето молчење, вашето соучество во овој момент. Не му го дозволувајте тоа“, рече Њусом повикувајќи протестите да останат мирни.

Истовремено, истиот ден кога го одржа говорот, Њусом поднесе барање до судот да издаде итна наредба за стопирање на ангажманот на војската во помош на федералните имиграциски агенти. Некои од припадниците на Националната гарда веќе стојат во заштитен кордон додека агентите вршат апсења. Судијата не донесе веднаш одлука, оставајќи неколку дена на администрацијата на Трамп да продолжи со акциите пред рочиштето закажано за четврток.

Претседателот Трамп досега активираше повеќе од 4.000 припадници на Националната гарда и 700 маринци, и покрај противењето на градските и сојузните власти. Маринците сè уште не се забележани во Лос Анџелес, а гардата најчесто е распоредена околу федерални објекти со ограничен контакт со демонстрантите.

Ова обраќање следеше по неколкудневни остри размени меѓу Трамп и Њусом, при што претседателот дури изрази подготвеност да го поддржи апсењето на гувернерот ако се меша во спроведувањето на имиграциските закони.

„Мислам дека тоа би било одлично. Гавин сака внимание, но мислам дека би било супер“, изјави Трамп пред новинарите.

Претседателот Трамп со години користи разни закани кон Калифорнија. Се закани дека ќе интервенира во кризата со бездомништво, се обиде да ускрати помош за пожари во знак на политички притисок за правото на вода, повика полицијата да пука врз крадци, и предупреди дека „вашите деца се во опасност“ поради илегалната имиграција.

Тој често го навредува Њусом, поранешниот градоначалник на Сан Франциско, нарекувајќи го „Њу-скам“ (ново ѓубре), а годинава го обвини за смртоносните пожари во јужна Калифорнија.

Додека Трамп тврди дека Лос Анџелес е загрозен од насилни демонстранти, Њусом и градоначалничката на ЛА, Карен Бас, ја оценија интервенцијата како непотребна и потенцијално опасна.

Протестите главно се концентрирани во центарот на Лос Анџелес, но се проширија и во други градови низ Калифорнија и низ цела Америка вклучувајќи ги Далас, Остин, Чикаго и Њујорк, каде што се собраа околу илјада лица, а имаше и повеќе апсења.

Трамп не ја исклучи можноста да го активира Законот за бунт, еден од најекстремните инструменти на извршната власт, со кој му се дозволува на претседателот да распореди војска внатре во земјата за сузбивање на немири, насилства или за спроведување на законите во одредени случаи.

„Ако има бунт, секако дека ќе го активирам. Ќе видиме“, изјави Трамп од Овалната соба.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press