И Радовиш ќе добива концесиски надомест од околу 1 милион евра годишно

Радовиш, 28.02.2025

Ацо Ристов, градоначалник на Радовиш

Пред пет години Општина Радовиш беше погодена од клетвата „Да имаш па да немаш“. Станува збор за концесискиот надомест кој, до тоj пeриод, Општина Радовиш цели 40 години го добиваше од работата на рудникот за бакар и злато Бучим, а кој, на годишно ниво изнесуваше нешто над 1,2 милиони евра. Тоа беа убави пари кои го надополнуваа буџетот на општината.

Но, бакарната руда ја снема од Централното рудно тело, Вршник и Бунарџик, кои се во атарот на Општина Радовиш, а кои, во рамките на работата на рудникот Бучим беа експлоатирани цели четири децении. Но, по толку долго време на експлоатација на спомнатите рудни тела во нив ја снема бакарната руда, а за рудникот Бучим да може да продолжи со работа новиот сопственик, компанијата Солвеј инвестираше во истражувања на нови рудни ресурси при што бакарна руда погодна за економска експлоатација беше пронајдена во блиската област Боров Дол. Несреќата за Општина Радовиш беше тоа што Боров Дол во најголем дел е во атарот на општините Конче и Штип, а само 4 проценти од просторот на кој се експлоатира бакарната руда, а за општините добиваат концесиски надомест, се во општина Радовиш.

Така се случи една надреална ситуација, рудникот Бучим со неговите  прераборувачки капацитети и хидројаловиштето да бидат на територија на Општина Радовиш, а таа да добива само 50.000 годишно евра на име концесиски надомест.

До пред пет години Општина Радовиш на име концесиски надомест од експлоатацијата на бакарната руда во рудникот Бучим добиваше просечно по околу 1,2 милиони евра годишно, а кога таму снема бакарна руда и се отвори рудникот Боров Дол општината мораше да се задоволи со само 50.000 евра годишно, но сега таа неправда се исправа, па секоја од трите општини Конче, Штип и Радовиш ќе добиваат иста сума од по близу еден милион евра годишно…

-До тој период, а тој проблем за нас настана пред пет години, Општина Радовиш на име концесиски надомест на годишно ниво добиваше од еден до 1,2 милиони евра, што за општината беше една сосема пристојна сума на пари. Со новонастанатата ситуација новиот рудник Боров Дол зафаќа само четири проценти од нашата територија и, согласно законот, нам ни припаѓаше годишна сума на име концесиски надомест од само 50.000 евра. Ние сметавме дека ни  е нанесена голема неправда со оглед на фактот дека рудникот со сите свои капацитети и хидројаловиштето се на наша територија, пет години укажувавме дека во однос на концесискиот надомест треба да имаме ист третман како и општините Конче и Штип, ни изјави Ацо Ристов, градоначалник на Радовиш.

Во една ваква констелација на состојбите, за Радовиш се велеше дека го погодила еврејската клетва „Да имаш па да немаш“.

Но, според градоначалникот Ристов, работите сега се придвижиле во за нив позитивна насока.

-Нашиот случај и неправдата која ни беше нанесена и на која укажувавме пет години доведе до тоа да се извршат измени во Законот за минерални суровини со кои измени, ако во рударскиот сектор се јават случаи како нашиот, Владата да може да прави проценка на состојбата и да носи одлуки во однос на тоа кој сé може да има право на концесиски надомест. Како што сега стојат работите, со оваа измена трите општини – Конче, Штип и Радовиш ќе добиваат по ист дел од концесискиот надомест. Бидејќи во меѓувреме тој надомест за рударските општини се зголеми од два на четири проценти, тоа значи дека секоја од овие општини ќе добива приближно по околу еден милон евра годишно, посочува Ристов.

Дали тоа значи дека Радовиш на чија територија рудникот „Бучим“ работи од 1979 година се „ослободил“ од клетвата „Да имаш па да немаш“ ќе се знае наскоро кога на сметката на општинскиот буџет ќе легнат првите поголеми пари од концесискиот надомест кој на општините им се исплаќаат квартално.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе