ИЈЗ: За цела сезона на грип починале 5 лица, сите биле невакцинирани

Во текот на сезоната 2024/25 се регистрирани 5 смртни случаи асоцирани со грип. Починатите се од Скопје, Свети Николе и Радовиш и припаѓаат на возрасните групи над 65 години и 15-64 години. Сите случаи биле починати во болнички услови, со коморбидитети и невакцинирани против грип.

Ова е наведено во завршната информација која ја објави Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), во врска со сезинскиот грип.

„Сезоната 2024/2025 се одликува со поголем број на пријавени случаи и повисока инциденца во споредба со просекот, како и повисок процент на позитивност (23,3%) од вкупниот број на тестирани лица во споредба со минатата сезона, кој варираше во текот на неделите со разлики помеѓу рутинскиот и САРИ сентинел надзорот. Прагот на влез во сезоната (вирусолошки), односно процент на позитивност на примероците над 10%, се регистрира од 52 недела од 2024 година до 12-та недела од 2025 година“, наведено е во информацијата.

Високиот процент на позитивност, според епидемиолозите во ИЈЗ, веројатно се должи на намалениот број на тестирани случаи.

„Во првата половина од сезоната доминира Influenza A, во втората половина од сезоната се регистрира доминација на Influenza B вирусот. Во однос на Influenza B во земјата се уште се регистрира само Influenza B/Victoria. Во однос на Influenza A, оваа сезона се регистрира доминација на Influenza AH3 во споредба со претходната сезона кога се доминираше Influenza A(H1)pdm“, се наведува во извештајот.

Според податоците од Управата за електронско здравство, од почетокот на вакцинацијата, а заклучно со затворањето на овој извештај, вакцинирани се вкупно 70.376 лица од ризичните категории на населението со бесплатни вакцини. Во однос на комерцијалните вакцини, вакцинирани се 1.923 лица.

„Заклучно со 20 недела, во Македонија, вакцинирани се вкупно 72.300 лица со бесплатна или комерцијална вакцина“, се додава во објавата.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press