Јужнокорејски авиони по грешка фрлиле бомби врз населено место, 15 повредени

Јужнокорејски борбени авиони во четвртокот по грешка фрлија осум бомби врз населено место, при што беа повредени 15 лица и оштетени се повеќе куќи и една црква за време на воените вежби во Почеон, соопшти военото воздухопловство и пожарникарската служба, јавува Ројтерс.

Во соопштението на пожарникарската служба се наведува дека 15 лица се повредени, ов кои двајца се во тешка состојба.

Почеон е место на околу 40 километри североисточно од Сеул, во близина на силно милитаризираната граница со Северна Кореја.

„Имаше ненадеен силен татнеж на борбен авион, а потоа одекна експлозија. Кога отидов на местото на настанот, имаше околу четири куќи кои беа преполовени од штетата, луѓето беа повредени“, рече О Мунг-су, 65-годишен жител.

Военото воздухопловство на Јужна Кореја соопшти дека два авиони КФ-16 испуштиле осум бомби МК82 од 225 килограми надвор од стрелиштето за време на заедничките воени вежби.

„Жал ни е за предизвиканата штета од абнормалната несреќа, а на повредените им посакуваме брзо закрепнување“, се вели во соопштението на воздухопловните сили.

Несреќата се случила поради тоа што пилотот внел погрешни координати, изјави воен претставник кој одби да биде идентификуван поради чувствителноста на работата. Официјалниот претставник рече дека двата авиони потоа фрлиле по четири бомби, при што сите детонирале.

Властите ќе ги прекинат вежбите со жив оган додека не стане јасно што тргнало наопаку, но инцидентот нема да влијае на големите заеднички воени вежби на Јужна Кореја и САД што треба да започнат во понеделник, рече официјалниот претставник.

„Се случи незамисливото“, рече градоначалникот на градот Почеон, Баек Јанг-Хјеун, кој ги повика владата и војската да спроведат мерки за да се спречи каква било понатамошна цивилна штета.

Министерството за одбрана претходно во четвртокот соопшти дека јужнокорејските и американските сили ги одржуваат своите први заеднички вежби со жив оган во Почеон, поврзани со годишните воени вежби што треба да започнат следната недела.

Заедничките вежби на „Штитот на слободата“, кои ќе траат од 10 до 20 март, имаат за цел да ја зајакнат подготвеноста на алијансата за закани како што е Северна Кореја, соопшти Здружениот началник на Генералштабот на Сеул (JCS) пред несреќата.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе