KOЧАНИ: Вирусот го сели Советот на Општина Кочани во салата на Спомен-домот „АСНОМ“

Кочани, 29.04.2020

Утре, четврток 30 април 2020 година, Советот на Општина Кочани ќе ја одржи 38. редовна седница. Со оглед на вонредната состојба предизвикана од коронавирусот, седницата ќе се одржи во салата на Спомен-домот „АСНОМ“ со почеток во 9 ч.

Општинските служби задолжени за подготовка на седниците известуваат дека просторот за одржување на седницата е избран со цел да се почитуваат мерките за заштита од ширење и спречување на коронавирусот. Салата „АСНОМ“, која додека функционираше Правниот факултет од Универзитетот „Гоце Делчев“ се користеше како амфитеатар, од неодамна е во надлежност на Општина Кочани, е дезинфицирана и подготвена за утрешната седница.

Поради состојбата со КОВИД-19, и дневниот ред е прилагоден со цел 19-те членови на Советот да не престојуваат долго во иста просторија. За присутните при влезот ќе биде обезбедена заштитна маска и средства за дезинфенција.

Советот ќе работи по следните 13 точки: Извештај за работењето на КЈП Водовод- Кочани за период од 01.01.2020 година до 31.03.2020 година, со финансиски показатели; Предлог-одлука за давање на трајно управување и користење без надомест на изградена водоводна, фекална и атмосферска канализациона мрежа во 2019 година на КЈП „Водовод“ – Кочани; Предлог-програма за дополнување на Програмата за изработка на урбанистички планови, урбанистичко-планска документација, и урбанистичко-проектна документација на подрачјето на Општина Кочани за 2020 година; Предлог-план за дополнување на Годишниот план за јавни набавки на општина Кочани за 2020 година; Извештај за извршување на Буџетот на Општина Кочани за првиот квартал од 2020 година; Предлог-одлука за изменување на Одлуката за сопствено учество во проектот „Планински велосипедски рај“; Предлог-одлука за сопствено учество – кофинансирање  на проектот за изградба на социјални објекти за Ромите од Старата касарна; Предлог-одлука за усвојување на Урбана ревизија; Предлог-програма за изменување  на Програмата за изградба и одржување на општински патишта и улици во општина Кочани за 2020 година; Предлог-програма за изменување на Програмата за уредување на градежно земјиште на подрачјето на општина Кочани за 2020 година; Предлог план за изменување  на Планот на програми за развој на општина Кочани за период 2020 – 2022 година; Предлог-одлука за измена на распоредот на средствата на Буџетот на Општина Кочани за 2020 година и Предлог-одлука за проширување на средствата на Буџетот на Општина Кочани за 2020 година.

                                                                                                Љ.Ајтовска