KOЧАНИ: В петок, на 21 мај, отворање на 58 Драмски аматерски фестивал

Кочани, 18.05.2021

Од 21 до 25 мај, Кочани по 45. пат ќе биде домаќин на Драмскиот аматерски фестивал. На локации на отворено, со скратена програма и со финансирање од Општина Кочани, ќе се одржи 58. издание на Драмскиот аматерски фестивал.

– Кочани ја негува оваа републичка културна манифестација од 1977 година. Поради генерациската смена беше доведено во прашање нејзиното финансирање, но во ниеден момент не беше дискутабилно нејзиното одржување. Годинава Локалната самоуправа целосно ќе го финансира Драмскиот аматерски фестивал, кој на Кочани му дава значајно место во македонската театарска дејност и драмска уметност – соопшти Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани.

Според Дарко Спасов, извршен директор на ДАФ, вели дека сиве овие децении Фестивалот се менуваше прифаќајќи го предизвикот и чекорот на времето. Сега е посебно важно Кочани да се утврди како средиште на развојот и афирмацијата на драмскиот аматеризам во Македонија. Упатувајќи благодарност до членовите на Советот на Општина Кочани, приватните стопанственици и поединци ентузијасти за поддршката на ДАФ, Спасов ја кани публиката, според мерките за заштита и протоколите за културни настани да ги следи театарските претстави и придружните фестивалски содржини.

Отворањето на 58. Драмски аматерски фестивал е в петок, на 21 мај, од 20 ч. на Споменикот на слободата, со претставата „На отворено“ во изведба на Театар Комедија, во режија на Андреј Цветановски.