KOЧАНИ: Камионите не можат да истурат ѓубре во депонијата, купишта смет го затворија нејзиниот влез

Кочани, 17.06.2023

Влезот во градската депонија на Кочани денеска е затрупан со отпад и комуналните возила на КЈП „Водовод“ не можат да влезат внатре за да го депонираат ѓубрето.

Од двете страни на регионалниот патен правец кон Пониква каде е лоцирана депонијата се расфрлани купишта разновиден отпад, а од распаѓањето на органските отпадоци се шири силна смрдеа и се излева течност по асфалтот и ги контаминира возилата кои поминуваат.

Граѓаните саркастично велат дека на ваков начин се промовира депониски туризам, но и некултурата на некои граѓани на Кочани.

Но, и јавното претпријатие не може да реагира бидејќи машината што се користи за растурање на ѓубрето е неисправна и стои на просторот во депонијата. Некои граѓани на коловозот испишале пораки со барање за оставка на директорот на „Водовод“. Ниту информативната табла на проектот за регионалната депонија, што го поддржува ЕУ, не поминала подобро, исчкртана е со вулгарни пораки. Ова е срам за сите, а одговорност мора да понесат надлежните, реагираат граѓаните на социјалните мрежи.

На влезот во кочанската градска депонија веќе се натрупани десетици тони отпад за чие отстранување ќе биде потребен подолг период. Состојбата уште повеќе се влошува затоа што овде се носи и ѓубрето од соседните општини, во рамки на проектот за отстранување на дивите депонии и нивно регионално решавање.

Од комуналното претпријатие „Водовод“ истакнаа дека ќе направат контрола на терен за причините поради кои отпадот се исфрла на влезот од депонијата, по што ќе се преземат мерки за расчистување.

Постави коментар

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе