KOЧАНИ: По едномесечен прекин и низа унапредувања и инвестиции, Пејпaр Мил стартува со работа

Кочани, 26 јули 2022г.

По речиси едномесечен прекин на работењето, од денеска единствената фабрика за рециклажа на хартија во земјава Пејпaр Мил повторно започнува со работа.

Во текот на едномесечниот прекин на работењето Пејпар Мил интензивно работеше на финализирање на унапредувањето на производствените процеси во насока на обезбедување на поголема енергетска ефикасност на самиот производствен процес, а со тоа и дополнително намалување на емисиите. Со цел драстично намалување на нивото на СО и негово доведување во граничните вредности, како и подобрување на перформансите на ложиштето на котелот за подобро согорување на горивото, Пејпар Мил инвестираше во дополнителни вентилатори и каналски систем со дифузери потпомогнати од фреквентни регулатори, направи детално чистење на котелот на биомаса, истовремено работејќи и на поставување на мерни и регулациони инструменти со кои се врши автоматска регулација и континуирано следење со нивото на емисии.

Дополнително се изврши и подобрување на системот за одземање на цврстите честички од издувните гасови, односно подобрување на перформансите на вреќастиот филтер. Станува збор за вградување на модули и процесори со што ќе се подобри чистењето на вреќите, а со тоа и дополнително ќе се намалат цврстите честички во издувните гасови, кои секако веќе подолго време се значително под границите на дозволените вредности.

Истовремено, Пејпар Мил работеше и на подобрување на технолошкиот процес кој директно влијае на потрошувачката на пареа, при што е инсталиран нов вакуум-систем како и нов систем на фино прочистување на маса, инвестиција потребна за самиот процес на фабриката што истовремено ќе обезбеди и поголема економичност во работењето.

Во периодот од 26 јуни до 26 јули, Пејпар Мил ги задржа сите 109 вработени согласно законските права и обврски со целосни плати, а од денеска целиот колектив повторно се враќа на работа.

По финалните прилагодувања во текот на работниот процес, кон крајот на август ќе се извршат контролни мерења од страна на акредитирана лабораторија.

Инаку, едномесечниот прекин на работењето беше одлука на раководството на фабриката откако Државниот инспекторат за животна средина издаде решение со кое го задолжи Пејпaр Мил да работи единствено на котел на природен гас до моментот на решавање на проблемот поради кој се јавило надминување на пропишаните гранични вредности за емисионата точка АА2, иако согласно последните мерења на акредитираната лабораторија емисиите во воздух на речиси сите параметри беа во рамки на А интегрираната дозвола, а отстапки беа евидентирани единствено во емисијата СО – јаглероден моноксид. Во текот на овој период Пејпaр Мил направи сериозни унапредувања на работниот процес со кои се решава и ова прашење, продолжувајќи ја инвестиционата програма вредна речиси половина милион евра.

И покрај растот на цените предизвикани од економската ситуација во земјата и светот и порастот на веќе дадените понуди, но и бројните предизвици со кои се соочува фабриката, во Пејпар Мил и во претстојниот период продолжува инвестицискиот циклус, со посебен фокус на намалување на количината на техничката вода во процесот, како и на количината на отпадните води за 300 проценти.