Кочани, 01.02.2021
Од компанијата „Пајпер Мил“ која сопственик на истоимената фабрика за хартија во Кочани најавуваат оптимизам во однос на рестартирањето на неодамна затворената фабрика и враќање на сите работници на нивните работни места.
„Ние не сме тука за брза добивка. Нам ни значи фабриката, ни значат 120-те вработени. 2020 година за првпат ја завршивме со позитивни резултати и добивка, што е заслуга на сите вработени во фабриката. И сега наместо да се радуваме на резултатите и да продолжиме во таа насока, ние повторно сме соочени, овој пат со непланирани загуби, наметнати од прекинот на работата, а врз основа на решението на Инспекторатот за животна средина да продолжиме со процесите само со користење на скапиот увозен метан.“ Ова го кажа, генералниот директор на кочанската фабрика Пејпер Мил, Јулијан Даскалов.
Фабриката го прекина производствениот процес на неопределено време, по одлуката на Инспекторатот и испрати дома со 70% од плата 120 работници. Сепак, Даскалов изразува умерен оптимизам за рестартирање на производството и враќање на вработените на работа.
„Фабриката вработува 120 вработени. По решението за привремен прекин на работата, нам ни беше многу важно да го решиме статусот на вработените. После консултации со правни лица, донесовме одлука во наредните два месеци вработените да добиваат 70% од платата за целиот период додека не одат на работа. Пред десетина дена мавме средба со вработените и јас лично ги информирав за оваа одлука. Морам да признаам дека ниту мене, ниту на вработените не ни беше сеедно. Од една страна нашата неизвесност дали ќе успееме да ги рестартираме процесите и да ги задржиме луѓето на работа, од друга страна нивната неизвесност и прашањето на егзистенција, ако ние не успееме во тоа. Сепак живееме во време на социјална и економска несигурност предизвикана од пандемијата. Но ако успеавме да го надминеме предизвикот со корона кризата и да не отпуштиме вработени, сигурен сум дека ќе го надминеме и овој предизвик“, изјави Даскалов.
Тој додаде:
„Правиме напори да создадеме услови и поддршка на сите чинители за рестартирање на фабриката во април оваа година. Веќе е нарачана опремата која треба да пристигне кон крајот на првиот квартал годинава, а со која уште повеќе ќе се унапреди технолошкиот процес и ќе се намали влијанието од работата на фабриката врз околината. Го почитуваме решението на Инспекторатот за животна средина и остануваме отворени за соработка. Важно ни е да имаме добра соработка со локалните власти, со локалната заедница, да работиме и живееме во чиста и здрава средина и секако да ја продлабочиме соработката со граѓанските организации и здруженија, затоа што верувам дека имаме иста цел – одржливо долгорочно работење, стабилни вработувања и здрава животна средина.“
И додека Пејпер Мил не работи, вработените се дома, вредностите на квлатитетот на воздухот во Кочани повторно ги надминуваат дозволените граници. На тоа се осврнува и Даскалов во интервјуто за Фактор кој со жалење констатира дека и во периодот кога не работи фабриката загаденоста во Кочани е висока.
„Со жалење ќе нотирам дека и покрај, еве веќе две недели неработење на фабриката Пејпер Мил, која беше етикетирана како најголем загадувач во градот, вредностите на загаденост на воздухот во Кочани и натаму се високи, сместувајќи го Кочани на врвот на листата на најзагадени градови во земјата. Не би сакал да ме разберете погрешно, но ние навистина долго време од жителите на градот бевме посочувани како извор на проблемот, а се покажа дека и по нашето затворање, состојбата не е подобрена. Сметам дека е несоодветно да се лоцира вината во Пејпер Мил. Ние исто како и жителите на градот, сакаме и се залагаме за чиста животна околина и сите инвестиции ги насочуваме кон унапредување на процесите и заштита на животната средин“,, рече Даскалов.