KOЧАНИ: Подземни контејнери на седум локации во централното градско подрачје

Кочани, 15.02.2021

На седум локации во центарот на Кочани наскоро ќе бидат поставени подземни контејнери. Општина Кочани и Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ почнуваат со замена на постојното со подземно складирање на отпадот, кој ќе се селектира. Јавната набавка се спроведува и во двете институции.

Според стручните служби, подземните контејнери заштедуваат простор, го подобруваат изгледот на околината и овозможуваат селектирање коешто е многу важно за натамошниот третман на отпадот. На површината е видлива стандарната, дизајнирана корпа за собирање на отпадот. Секој подземен контејнер ќе биде поставен на платформа и под површината ќе содржи четири единици, од кои две за комунален отпад и по една за хартија и за пластика. На тој начин се избегнува непријатната миризба, расфрлањето на отпадот, поместувањето и оштетувањето на контејнерите. Од друга страна, тие ќе го оневозможат фрлањето градежен шут, отпад од големи пакувања и друг кабаст материјал. Со подземното складирање на отпадот ќе се создаде почиста и поздрава средина.

Со јавната набавка се бараат подземни контејнери чие празнење ќе се врши со истите транспортни средства на КЈП „Водовод“, на кои ќе биде вградена хидраулична инсталација.

Подземното складирање на отпадот најпрвин ќе почне да се применува кај станбените објекти за колективно домување, во двата блока на Трговскиот центар, Стришани и кај новиот станбен комплекс на „Стево Теодосиевски“.

                                                                                    Љ.Ајтовска

Постави коментар

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе