Кочани, 29.03.2022
Во организација на НУЦК „Бели Мугри“ во Кочани денес беше промовиран романот за деца „Мечето Мери Ум“ од писателот Трајче Кацаров кој живее и твори во Штип.
Ана Поп Михаилова, директорка на оваа културна установа посочи дека промоцијата на романот на Кацаров се реализира во рамки на одбележувањето на Меѓународниот ден на литературата за деца. Инаку, на прооцијата присуствува ученици од четврто одделение од ОУ „Никола Карев“ и ОУ „Раде Кратовче“.
Промоцијата почна како интерактивна игра во која писателот Кацаров пред учениците го постави прашањето за тоа на кого му припаѓа природата, а учениците одговараа дека природата му припаѓа на човекот но и на сите живи суштества на земјината топка. Едни деца рекоа дека нивни најдобри пријатели се нивните миленици кучињата, девојчиња рекоа дека чуваат и хранат мачиња, а сите во глас на прашање на писателот „Дали мечката треба да живее затворена или слободна“ викнаа-слободнааааа!
-Романот е пишуван во духот на романите во кои се бара во светот да завладеат разумот, срцето и вистината. Значи во приказната треба да се сообразиме со амбиентот од делата на просветителите, од делата чии содржини почиваат на авантуристичките и бунтовни природи на главните ликови. Содржината на романот е интимна исповед на мечето Мери Ум. Накратко, ова е приказна со еколошка порака. Истата треба да не потсетува, не само одвреме-навреме, туку постојано, дека мора да сме свртени не само кон себе , туку и кон природата мајка и кон нашите браќа и сестри од другите биолошки единки – истакна на промоцијата авторот Кацаров.