Кочани, 15.08.2024
Кочани, македонската престолнина на оризот, и годинава ќе ја организира манифестацијата избор на жетварска убавица. Оваа убава манифестација се организира традиционално во чест на почетокот на жетвата на белото кочанско и македонско злато-оризот, при што ритуалот на зажнејување се прави на прастариот начин односно рачно и со срп.
Службата за информирање на општината извести дека жетварската убавица ќе се из бира во рамките на 33 манифестација „Денови на кочанскиот ориз“ која ќе се одржи од 26 до 29 септември годинава.
-Со цел да ја промовира убавината и улогата на жената во традицијата на оризопроизводството, Општина Кочани ќе обезбеди високи награди за жетварската убавица и двете нејзини придружнички. Тоа ќе биде еден убав и за публиката привлечен уметнички перформанс, објавија од Општина Кочани.
На јавниот повик може да пројават интерес девојки од општина Кочани на возраст од 15 до 20 години, кои ги исполнуваат критериумите од повикот, а пријавувањето трае до понеделник, 19 август оваа година. Победничките во изборот ќе бидат дел од севкупната манифестација „Денови на кочанскиот ориз“.
Пријавувањето на заинтересираните девојки е на е-адресите: info@kocani.gov.mk, i.karova@kocani.gov.mk или на телефоните: 033 274 001 и 076 210 530, кај Ивана Карова Коцева.