КОЧАНИ: Комплетен систем за производство на струја од сончева енергија за КЈП „Водовод“

Кочани, 17.06.2025

Системот со капацитет од 600 киловат часови се реализираше во рамки на проектот „Намалување на загубите на вода во системот за водоснабдување и искористување на сончевата енергија во комуналните јавни претпријатија во општина Кочани“. Вкупната вредност на инвестицијата е 448 илјади евра, од кои половината ги донираше Директоратот за развојна соработка и хуманитарна помош на Република Словенија, а остатокот е кофинансирање.

На свеченоста по повод завршувањето на проектот и пуштањето употреба на системот присуствуваа словенечкиот амбасадор Грегор Прескер, директорот на Директоратот, Едвин Скрт и в.д. градоначалникот на Општина Кочани, Венко Крстевски.

-Кога се определивме да помогнеме во реализација на проектот имавме две цели – едната да ги намалиме загубите на водата за пиење, а другата да постигнеме енергетска ефикасност со поставување сончеви електрани на пречистителната станица. Со тоа овозможуваме намалување на трошоците во работењето на комуналното претпријатие, а заштедените средства ќе можат да се наменат за други приоритетни потреби за граѓаните, со што ќе се подобрат и условите за живеење во вашата заедница. Соработката меѓу двете држави како добри партнери ќе продолжи, а наш заеднички интерес е да помогнеме Македонија да стане дел од Европската Унија, истакна амбасадорот Прескер.

Вкупниот капацитет на новите сончеви електрани во пречистителната станица, заедно со претходно инсталираниот систем е 1,1 мегават часови, што ќе обезбеди комплетно покривање на потребите од електрична енергија.

-Со имплементирањето на системот очекуваме намалување на трошоците за електрична енергија кои го отежнуваат работењето на нашето комунално претпријатие. Бевме принудени да потпишеме договор за репрограмирање на долговите за струја, а со овие заштеди ќе обезбедиме средства за редовно отплаќање на ратите од договорот. Дополнително, со планираното приклучување на општина Виница на станицата за пречистување на отпадните води во Мојанци, ќе се обезбеди поголема еколошка заштита на природната средина и водата во реката Брегалница, за што потврда е обновувањето на живиот свет на кој претходно му се закануваше исчезнување, истакна в.д. градоначалникот Крстевски.

Финансиската поддршка што ја обезбеди словенечката влада е дел од помошта наменета за партнерските држави од регионот, со цел за намалување на сиромаштијата, нееднаквоста и влијанието на климатските промени, а е насочена кон одржливо управување со природните ресурси и енергијата.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press