Десничарскиот историчар Карол Навроцки е новиот претседател на Полска, објави државната изборна комисија (ПКВ) откако беа преброени сите гласови.
Според комисијата, Навроцки освоил 50,9 отсто од гласовите, победувајќи го либералниот градоначалник на Варшава, Рафал Тржасковски, кој доби 49,1 отсто.
Ова е сензационален пресврт во однос на првичната излезна анкета објавена веднаш по завршувањето на гласањето во неделата во 21:00 часот по локално време, според која водеше Тржасковски со 50,3 отсто наспроти 49,7 отсто за Навроцки.
По објавувањето на излезната анкета, Тржасковски прогласи победа додека Навроцки предупреди дека резултатите се преблизуи за да се донесе заклучок.
„Победивме, иако фразата ‘за влакно’ засекогаш ќе влезе во полскиот јазик и политика“, им рече Тржасковски на своите поддржувачи.
Неговата сопруга Малгожата на шега им рече на присутните: „На работ сум да добијам срцев удар“.
Навроцки, по објавувањето на излезната анкета, изјави: „Да не ја губиме надежта оваа ноќ. Ќе победиме во текот на ноќта, разликата е минимална. Верувам дека утре ќе се разбудиме со претседател Карол Навроцки“.
Како нов претседател, Навроцки најверојатно ќе продолжи да го користи правото на вето за да ги блокира проевропските политики на полскиот премиер Доналд Туск.
Овој резултат исто така ќе ги охрабри поддржувачите на Навроцки и опозициската национал-конзервативна партија Право и правда (ПиС), која ја изгуби власта пред осумнаесет месеци, и ќе им даде нова надеж дека можат да ја поразат коалицијата на Туск на парламентарните избори во 2027 година.
Навроцки ги поддржува традиционалните католички и семејни вредности и силно се залага за полскиот суверенитет во рамките на ЕУ.
Тој поддржува натамошна помош за Украина, но изјави дека не сака соседната држава да се приклучи на НАТО и ЕУ додека трае руската агресија.
Иако функцијата претседател на Полска е претежно церемонијална со ограничено влијание врз надворешната политика и одбраната, претседателот има право на вето врз законите. Владата на Туск, која има проевропска ориентација, нема доволно пратеници за да ги надмине претседателските вета.
Актуелниот конзервативен претседател Анджеј Дуда го користеше своето вето за да го спречи Туск да ги реализира клучните предизборни ветувања, вклучително и намалување на политичкото влијание врз правосудниот систем и либерализација на строгите закони за абортус.
Дуда, кој не можеше да се кандидира за трет мандат, го честиташе изборот на Навроцки.
„Ова беше тешка, понекогаш болна, но неверојатно храбра битка за Полска, за тоа како треба да се водат работите во нашата татковина. Ви благодарам за оваа херојска борба до последниот миг на кампањата!“, изјави Дуда.
И двајцата претседателски кандидати поддржуваат понатамошна помош за соседна Украина, но се разликуваат по прашањето за односите со ЕУ. Тржасковски, поранешен министер за Европа, ја поддржува визијата на Туск за Полска како клучен играч во срцето на ЕУ, со блиски односи со Германија и Франција.
Навроцки, кој има 42 години, се залага за силна и суверена Полска и не сака државата да отстапи уште надлежности на Брисел. Тој се противи на политиките на ЕУ за климатски промени и миграцијата.
До неодамна беше релативно непознат на национално ниво сè додека не беше избран како „неофицијален“ кандидат на опозициската партија ПиС.
Како страстен аматерски боксер и фудбалер, често објавува фотографии од тренинзи. ПиС го претстави како силен кандидат кој ќе се бори за обичниот народ и за националните интереси на Полска.
Како обожавател на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, Навроцки отпатува во Вашингтон за време на кампањата за да се сретне со Трамп и да направи фотографија со подигнат палец во Овалната соба во Белата куќа.