Македонските научници и истражувачи ќе добијат поголеми можности за вклучување во европските истражувачки мрежи, каде ќе можат да работат на проекти од области како енергетска безбедност, одржливи материјали за изградба на одржливи згради и инфраструктура, индустрија 4.0 и паметна специјализација, преку соработката на Министерството за образование и наука и Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија (JRC), беше најавено днеска на настан на кој присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука Весна Јаневска, заменик генералниот директор на Заедничкиот истражувачки центар, Матијас Оел и деканот на Машинскиот факултет Златко Петревски.
Според Петревски, македонските истражувачи ќе добијат пристап до врвни ресурси, знаење и заеднички проекти од клучно значење за развојот на државата. „Соработката меѓу Македонија и Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија влегува во нова ветувачка фаза. Мојата неодамнешна посета на институтот во Испра ја потврди нашата посветеност за продлабочување и проширување на ова партнерство и со големо задоволство тоа го официјализираме со Рамковен договор за истражување, кој ќе биде од клучна важност за спроведување на Стратегијата за паметна специјализација на државата”, рече министерката Јаневска.
Соработката дополнително ќе ја промовира мобилноста на истражувачите, нудејќи можности за докторски и постдокторски кандидати од земјава да бидат сместени во научните директорати на Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија.
„Добро е што наши научници ќе патуваат надвор, од надвор ќе доаѓаат научници кај нас. Со тоа се прави трансфер на знаење, се прави мрежа, се публикуваат научни трудови, се помага на индустријата. Сите научни достигнувања, коишто очекуваме да бидат резултат од овој проект, треба да помогнат на развојот на индустријата, со тоа и на економијата“ рече премиерот Христијан Мицкоски.
Заедничкиот истражувачки центар е референтен центар за наука и технологија на ЕУ, кој обезбедува независна научна и техничка поддршка за креирање и спроведување на политиките на Унијата.