Маргини: Масовната миграција е резултат на корупцијата и непотизмот што владеат во државата

Коалицијата Маргини ја осуди изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека време е за држава каде што ќе се раѓаат повеќе деца, младите ќе стапуваат во брак, а оние кои што се отселени ќе се вратат. Од коалицијата велат дека тоа е далеку од наивна визија, и претставува редефинирање на државата како биополитички проект, во кој државноста се мери преку способноста да се дисциплинира телото, да се контролира приватноста и да се одреди кој живот вреди.

Тие сметаат дека, за да го наметне падот на наталитетот како најголема закана, Мицкоски ја користи демографијата како алатка за дефокус и релативизирање на дневните трагедии, додека жртвите, болката и гневот што го одбележуваат нашето секојдневие ги сведува на драматични вести.

„Најавите за даночни санкции за немажени и неженети лица, е познат механизам за статистичко бришење на сиромаштијата и за казнување на оние што не се вклопуваат. Ако животот е прескап, одговорот не е да се смени формулата што го покажува тоа, туку да се промени состојбата што го предизвикува“, сметаат од Маргини.

Коалицијата посочува дека масовната миграција е резултат на долгорочна економска несигурност, корупција, непотизам и институционален колапс, состојби што актуелната власт не само што не ги решила, туку активно ги одржува.

„Повеќе од јасно е дека луѓето не заминуваат затоа што се откажале од потребата да создаваат заедници и семејства, туку затоа што државата одамна се откажала од нив, велат од Маргини.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press