Пристап до сите медицински податоци на пациентите имаат сите лекари, а тоа, според активисти, не треба да биде така, па затоа тие се залагаат и бараат тој пристап до податоци да биде ограничен. Тие бараат усогласување, без оглед на тоа за каква дијагноза се работи, со цел да се почитува правото на приватност.
За тоа, дали и кога може да се очекува да се ограничи пристапот до информации за дијагнози на пациенти, Мета се обрати во Управата за електронско здравство и до Агенцијата за заштита на лични податоци.
„Сите податоци не може да бидат отворени за сите здравствени работници. Еден специјалист мора да има податоци за пациентот за да може да даде здравствена услуга, но информациите кои не му се потребни, треба да не може да ги гледа во самото медицинско досие“, вели за Мета Атанас Аврамов, координатор за застапување и политики во здружението „Заедно посилни“, кое им дава поддршка на лицата што живеат со ХИВ.
Промени во „Мој Термин“ ќе има откако ќе се усвојат законски измени
Претставници на Управата за електронско здравство, биле на состанок организиран од граѓанската организација „Заедно посилни“ на тема „Заштитата на личните податоци во електронските здравствени системи: европски искуства и примена во Северна Македонија“. На средбата биле идентификувани потребите за доуредување на правната рамка, односно измена на законски и подзаконски акти. Оттаму за Мета велат дека промените од овој вид бараат јасно дефинирана законска рамка и ќе бидат целосно усогласени со неа веднаш по нејзиното донесување.
„Заклучокот беше дека по нивното усвојување, сите предвидени измени ќе бидат соодветно имплементирани и во техничката поставеност на Националниот систем Мој термин. Сепак, и според тековната поставеност на системот, пристап до податоците на пациентот има неговиот матичен лекар, како и лекарот специјалист, и тоа само додека пациентот е на лекување кај него. Ова е еден од постојните механизми за заштита на личните здравствени податоци“, информираат за Мета во Управата, од каде што уверуваат дека имаат капацитет и техничка можност да ги имплементираат потребните механизми за ограничен пристап до чувствителни медицински податоци, согласно правата на пациентите.
Прашавме и за тоа, колку се безбедни податоците кои пациентите ги внесуваат на апликацијата „Мое здравје“, а оттаму ни одговорија дека оваа апликација овозможува безбеден пристап до нивната здравствена евиденција (прегледи, упати, рецепти, евиденција за вакцинација и сл.).
„За најава, задолжително се користи Единствениот национален систем за електронска идентификација (еИД), што претставува гаранција за автентичноста и сигурноста на пристапот. Податоците на корисниците се заштитени согласно со сите безбедносни протоколи и важечки законски норми, а безбедноста на системот е наш континуиран приоритет. До сега апликацијата ја користат околу 25.000 граѓани“, велат во управата.
Што прави Агенцијата за заштита на лични податоци?
Што прави Агенцијата за заштита на лични податоци во врска со прашањето за заштита на приватноста на пациентите? Оттааму објаснуваат дека согласно Стратегијата за спроведување на правото за заштита на личните податоци 2025-2030 во која според утврдената Стратешка цел 2 − Хармонизација на легислативата, во наредните пет години ќе се работи на хармонизација на законодавството од аспект на процесите за дигитализација, односно оваа цел вклучува и имплементирање на Регулативата за европскиот простор за здравствени податоци.
„Европскиот простор за здравствени податоци (EHDS) е дизајниран да им користи на сите граѓани на ЕУ, вклучувајќи ги пациентите, здравствените работници, истражувачите, креаторите на политики и претставниците од индустријата. Транспонирањето на оваа регулатива во нашето законодавство ќе им овозможи на пациентите брз и слободен пристап до сопствените електронски здравствени податоци, поголема контрола врз сопствените електронски здравствени податоци, односно ограничување на пристапот до одредени делови од нивниот здравствен картон или ограничување на пристапот за одредени лица, преглед на тоа кој пристапил до нивните податоци, барање корекции доколку се пронајдат грешки и право на преглед на здравствените податоци во стандарден европски формат, вградена безбедност и заштита на приватноста“, информираат во Агенцијата.
Супервизии од јуни во сите клинички болници
Агенцијата, од месец јуни, ќе почне со спроведување на редовни супервизии во сите клинички болници во Скопје, кои ќе се однесуваат на начинот на прием на пациентите на шалтерите во тие клиники и нивната идентификација, односно дали се почитуваат прописите за заштита на личните податоци. Агенцијата е дел и од работна група за изработување предлог-измени на Правилникот за начинот на пристап, дистрибуција, издавање, користење, чување и заштита на податоците од интегрираниот здравствен информатички систем на Министерството за здравство, донесен врз основа на Законот за евиденциите од областа на здравството.
„Во случај кога некое лице смета дека му е повредено правото на заштита на личните податоци кои се однесуваат на здравјето, тоа лице има право да поднесе Барање за утврдување на повреда на правото на заштита на личните податоци преку веб-страницата на Агенцијата или директно во нашите простории. Агенцијата врши супервизија над заштитата на личните податоци како системска и независна контрола над законитоста на преземените активности при обработката и заштитата на личните податоци и ова особено опфаќа истражување, проверка. Агенцијата по поднесено Барање за утврдување на повреда на заштитата на личните податоци започнува вонредна супервизија, односно постапува со тоа што ја утврдува фактичката состојба преку собирање на документација, одење на терен, составување на записник и донесување на решение согласно Законот за заштита на личните податоци“, информираат оттаму.
Во изминатиот период Агенцијата има примено барања од граѓаните за утврдување на повреда на нивното право на заштита на личните податоци во јавните здравствени установи.
„Агенцијата континуирано работи на подигнување на јавната свест во однос на заштитата на личните податоци преку редовно спроведување на обуки за сите претставници на контролорите (државни институции, приватни компании, организации) како една од законски утврдените задачи на Агенцијата, понатаму преку организирање на настани, активности, настапи на разни медиуми како телевизија, радио, интернет платформи, исто така преку организирање на работилници и предавања кај сите заинтересирани контролори на целата територија на државата“, информираат во Агенцијата.