Мицкоски апелираше Арсовска заканите по живот да ги пријави во МВР, а ЈО да постапува по нејзините пријави
Премиерот Христијан Мицкоски денеска апелираше градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска да се обрати во Министерството за внатрешни работи и да ги пријави заканите по живот, кои тврди дека ги добива откако почна да објавува документација за дивоградби кои се градат во општината Чаир. Мицкоски исто така го повика Јавното обвинителство да работи по пријавите на Арсовска и побара да се почека нивниот одговор.
„Навистина жалам ако Арсовска добива закани по живот поврзани со нејзините објави за дивоградбите во општина Чаир. Ја охрабрувам веднаш да појде во МВР, а МВР да испита кој стои зад заканите и веднаш да постапи“, рече денеска Мицкоски.
Тој нагласи дека доколку нејзините докази се доставени до Јавното обвинителство, треба да се остави време оваа институција да ја сработи својата работа и доколку има докази да постапува по истите.
„Нема дилема, не можеме да санкцонираме или да не санкционираме други, законот мора да важи за сите. Но да го оставиме Јавното обвинителство да сработи“, порача Мицкоски.
Тој денеска ги коментираше и ставовите на вицепремиерот Изет Меџити и градоначалникот на Чаир Висар Ганиу, кои сметаат дека Арсовска е средство за дестабилизација пред изборите, кое го користи ДУИ.
„Има вистина и тоа им е јасно на сите. Јас не би додал повеќе од тоа што го кажуваат Меџити и Ганиу, а јавноста наскоро ќе дознае и други детали“, рече Мицкоски.