Мицкоски: Со лажни наративи се обидуваат да го избришат нашиот идентитет

Живееме во времиња кога лажните наративи се обидуваат да ги избришат или да ги релативизираат нашите национални идентитети, но ние сме тука за да го потврдиме спротивното, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски во Будимпешта, каде што присуствува на Конференцијата на конзервативната политичка акција (CPAC).

Неговиот говор вклучуваше три теми: Бог, татковина и семејство при што уште на почетокот се осверна на македонскиот идентитет, тврдејќи дека некој со лажни наративи сака да го избрише.

„Живеејќи во времиња, кога лажните наративи се обидуваат да ги избришат или да ги релативизираат нашите национални идентитети, ние сме тука за да го потврдиме спротивното“, рече Мицкоски.

„Прво и основно Бог“, рече македонскиот премиер во својот конципиран говор, за потоа да каже „второ – татковината“ додавајќи дека Македонија никогаш не се откажала од својот идентитет а слободата се плаќа со жртви.

„И конечно – семејството“, рече тој по што ги повика присутните: „Да ја зајакнеме нашата духовна отпорност. Да го одбраниме нашиот суверенитет. Да го заштитиме традиционалното семејство“.

Секако, македонскиот премиер му се заблагодари на неговиот колега Виктор Орбан кој, како што рече е еден од лидерите кои ги промовираат овие вредности во Европа и за чија активна улога треба да биде поддржан и поздравен.

„Тоа е политика на цврсти основи и политика каде зборот е збор, цврст како карпа. И му благодарам за тоа. И ветриштата на промени кои ги започна администрацијата на претседателот Трамп е политика на раст и враќање на надежта“, рече премиерот Мицкоски во Будимпешта.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press