Мирот во Украина се чини подалечен по телефонскиот разговор меѓу Трамп и Путин

Разговорот што се најавуваше како дипломатски пресврт за претседателот на САД, Доналд Трамп, во обидот да се стави крај на војната во Украина, заврши со уште повеќе прашалници, и за неговата подготвеност да влијае врз мировниот процес, но и за единството на трансатлантските партнери, јавуваат западните медиуми.

И покрај надежите, двочасовниот разговор меѓу Трамп и рускиот претседател Владимир Путин не донесе конкретен напредок. Наместо тоа, изјавите по разговорот покажаа колку е далеку какво било решение. Трамп изјави дека Русија и Украина ќе почнат разговори „онака како што само тие можат“, што аналитичарите го оценија како попуштање кон Москва, која веќе одби предлог за 30-дневен прекин на огнот и инсистира на веднаш започнување на преговори за мировен меморандум, стратегија што многумина ја гледаат како изговор за продолжување на офанзивата.

Трамп додаде нова нејаснотија во процесот, оставајќи отворена можност САД целосно да се повлечат од улогата на активен посредник. Спомена и можност за вклучување на Ватикан и новоизбраниот американски папа Лав XIV, но без јасна стратегија.

Бет Санер, поранешна заменичка директорка на американската национална разузнавачка служба, изјави за Си-Ен-Ен: „Изгледа дека претседателот воопшто не извршил притисок врз Путин. Имавме двочасовен разговор, а резултатот е само договор за потенцијални идни разговори – и ништо повеќе.“

Во Москва, реакциите беа полни со ентузијазам. Кремљ соопшти дека ниту еден од претседателите не сакал да го заврши разговорот. Помошникот на Путин, Јуриј Ушаков, додаде дека разговори со вакво времетраење се „реткост“.

Рускиот претседател Владимир Путин рече дека разговорот со Трамп, кој траел повеќе од два часа бил „содржаен и отворен“.

Тој ѝ се заблагодари на американската страна за поддршката при обновувањето на директните преговори меѓу Русија и Украина, кои, како што рече, биле прекинати од страна на Киев уште во 2022 година. Путин додаде дека Русија останува посветена на мирно решавање на конфликтот и дека двете страни треба да ги најдат најефикасните патишта до мир.

„Се договоривме со Претседателот на САД дека Русија ќе предложи и е подготвена да работи со украинската страна на меморандум за можен иден мировен договор, вклучувајќи принципи на решавање, рокови и можност за времен прекин на огнот доколку се постигнат соодветни договори“, изјави Путин.

Тој посочи дека контактите меѓу делегациите од Русија и Украина во Истанбул се обновени и го оцени тоа како знак дека „се движиме по вистинскиот пат“. Путин нагласи дека ставот на Русија останува јасен, односно приоритет е отстранување на „корените на кризата“.

Пред разговорот, Трамп најавуваше дека ќе биде „време за вистината“ и дека ќе се соочи со Путин. Но наместо цврст став, тој избегна нови санкции, со изјава: „Мислам дека има шанса нешто да се постигне, а ако воведеме санкции, можеби ќе биде полошо“. Во исто време, Трамп ја повтори својата загриженост за трошоците на САД за војната во Украина и најави дека нема да го следи пристапот на администрацијата на Бајден, која обезбедуваше клучна воена помош за Киев.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, иако дипломатски, сепак се спротивстави на ставовите на Трамп. Во своето обраќање на „Икс“, тој повика на посилни санкции против Русија и предупреди дека САД мора да останат активно вклучени во мировниот процес. „Единствениот што би имал корист од повлекување на САД од процесот е Путин“, напиша Зеленски.

Европските лидери, пак, најавија зголемени санкции против Русија откако претседателот на САД, Доналд Трамп ги брифираше за разговорот со Путин. Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека „Европа и Америка се многу обединети околу ова прашање“, пишува Гардијан. Зеленски предложи средба на високо ниво меѓу Украина, Русија, САД, ЕУ и Велика Британија, со Турција, Ватикан или Швајцарија како можни домаќини.

Од друга страна, Русија продолжува со барањата кои се неприфатливи за Украина, вклучително и т.н. „денацификација“, што подразбира смена на украинската влада и ограничување на суверенитетот на земјата. Зеленски одби повлекување на украинските сили од окупираните територии, велејќи: „Никој нема да ги повлече нашите трупи од нашата територија“.

Организацијата Амнести Интернешнл, и покрај тоа што е прогласена за „непожелна организација“ во Русија, најави дека ќе продолжи со истрагите за кршење на човековите права и можни воени злосторства од страна на руските сили.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press