Млади од Јужна Кореја на средба со младите штипјани

Младите од двете земји на заедничко дружење

Штип, 01.02.2017

  • Утре во Скопје, на една од главните улици, младите јужнокорејци ќе ја демонстрираат својата национална култура

Млади јужнокорејци од меѓународната младинска организација „Бек Мин Ги“ вчерашниот и денешниот ден ги поминаа во Штип во дружење со своите врсници од градот под Исарот. Kим Сонг Хи, претседател на оваа организација изјави дека во Штип и во Македонија младите од двете земји ќе дебатираат за младинскиот активизам, за културата и за нивните можности и перспективи.

Ким сонг Хи со соработничките
Ким сонг Хи со соработничките

-Ова е проект на прекуоќеанско волонтирање. Тоа е начин младите од далечни земји да научат нешто повеќе за себе, за својот начин на живот, да разменат мислења за својата иднина. За најмногу две години волонтери од Јужна Кореја ќе дојдат во Македонија, а Штип е еден од градовите во кои ќе престојуваат, вели Ким Сонг Хи.

Младите јужнокорејци посочија дека нивната земја била многу сиромашна и со неразвиена економија, но и дека таа направила многу квалитетен исчекор во зајакнувањето на своите економски можности. Според нив развиената економија  е најважниот услов младите кадри да си го најдат своето место во сопствената држава.

-На овие средби ние даваме приоритет на културата. Разменуваме информации за нашите културни вредности, ги запознаваме културните вредности кои се важни за младите од Македонија. Младите луѓе од Јужна Кореја се студенти, а нив ги интересира и студенската проблематика, животот на студентите во Штип за кој разбравме дека е универзитетски град. Од нашите млади колеги во Штип и Македонија можеме многу да научиме, додава Хи.

Тие веќе имале активности во Замбија и во Јужноафриканската република. Утре ќе престојуваат во Скопје каде на една од главните скопски улици ќе ја претстават својата национална култура, а во неколкуте наредни денови ќе ја посетат Албанија.,