Мурал на балкански рис ја краси фасадата на Театар Комедија

Голем мурал на балкански рис од денеска ја краси фасадата на Театар Комедија во центарот на Скопје. Уметничкото дело беше откриено во организација на Македонското еколошко друштво, како дел од одбележувањето на Светскиот ден на рисот.

Балканскиот рис е една од најретките диви мачки во Европа, со помалку од 50 преостанати единки. Тоа е подвид на евроазискиот рис и е класифициран како критично загрозен и е ендемски на југозападниот Балкан. Најчесто живее во Националниот парк Маврово и неговата околина во Македонија и планините Мунела и регионот Полис-Гур и Зи-Валамара во Албанија. Единки се забележани и во Косово, кои се движат и кон Црна Гора и Грција.

Македонското еколошко друштво речиси две децении работи на негова заштита, а во април годинава објави дека поставиле радио околувратник на петнаесетиот рис, младата шарена женка Зора, тешка 15,5 килограми. Од оваа организација посочуваат дека меѓу најголемите опасности за опстанокот на рисот се загубата на живеалишта која се случува заради сечењето шуми, развојот на инфраструктурата и шумските пожари, криволовот со кој нелегално се убива рисот, но и неговиот плен, како што се срната и дивокозата, а во последно време се и генетските ризици. Малата популација и изолацијата доведуваат до генетско осиромашување и размножување во сродство, што веројатно резултира со намален репродуктивен успех.

Се проценува дека популацијата на рисот се движи на површина од приближно 6. 200 квадратни километри, еден мажјак живее на површина од 220 до 700 квадратни километри, а женката на 100 до 200 квадратни километри.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press