Неоснована паника: Електронската лична карта и возачка не се опасност за личните податоци

Во објавата невистинито се тврди дека „без телефон нема да има живот“ и дека „ако снема струја, интернет сите лични податоци на луѓето во телефонот и ќе бидат нивни“. Невистина е затоа што дигиталната апликација преку која граѓаните ќе имаат лична карта и возачка дозвола во електронски облик е опционална, а не задолжителна, а физичките лични карти остануваат задолжителни, потврдија за „Вистиномер“ од Министерството за дигитална трансформација

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

АЈ СО СРЕЌА. ЗА ПОЧЕТОК БЕСПЛАТНО НОВО РОПСТВО “ЗА ТВОЕ ДОБРО”. Навали народе две во едно, па три во едно и така натака…по европската регулатива на европската блудница. Следно дигитален паричник или три во едно, т.е. твојот виртуелен паричник. Без телефон “нема живот”, а што ако снема струја, интернет, а сите твои лични податоци во телефон, се и нивни??? И замисли сето тоа на жими мајка??? СИТЕ ЧОВЕКОВИ ПРАВА ЌЕ ТИ БИДАТ ОДЗЕМЕНИ, А СЕ’ ШТО Е ТВОЕ ЌЕ БИДЕ НИВНО, Т.Е. НА ТЕМНИТЕ СИЛИ.

Во рамки на објавата се споделува линк од информативна вест, дека Министерството за дигитална трансформација работи на дигитална апликација преку која граѓаните ќе имаат лична карта и возачка дозвола во електронски облик, а ќе имаат пристап и до најновите услуги или најбараните услуги од 1-ви октомври годинава. „Ова го најави министерот Стефан Андоновски“ – се вели во веста.

Андоновски вели дека станува збор за „дигитален паричник“, што многу наликува на „Гугл волет“ или „Епл волет“, што значи дека електронската верзија на личната карта и возачката дозвола ќе бидат спакувани во апликацијата и ќе може граѓаните да ја покажат за да се легитимираат. Во втора фаза на проектот, како што најави, ќе биде овозможено и електронско потпишување и целосна биометриска верификација. Андоновски, најавува дека на дигиталниот самит што ќе се организира во Скопје на 1-ви и 2-ри октомври годинава ќе биде промовирана тест-верзијата или демоверзијата на апликацијата за првите корисници да можат да ја симнат на својот мобилен телефон и да ја користат. Апликацијата ќе биде бесплатна во првата фаза, а во втората кога ќе се вклучат дигиталниот потпис и биометриската верификација, можеби ќе има некакви трошоци.

– Добивме позитивен одговор од програмата „Дигитална Европа“, реализацијата требаше да започне во јануари 2025 година, но поради интерни процедури во Европска Унија почетокот беше највен за јуни 2025 година и ние подготвувајќи се, ја имаме модел верзијата на апликацијата – изјави Андоновски, посочувајќи дека станува збор за проект што е меѓународно партнерство со Министерството за дигитална трансформација на Украина, заедно со програмата „Дигитална Европа“, од којашто добивме грант од над еден милион евра.

Најава за ова е објавена и на официјалната страница на Министерството за дигитална трансформација.

Не е точно наведеното во објавата што ја рецензираме дека воведувањето на електронска лична карта и електронска возачка дозвола ќе биде „ново ропство“. Самото тврдење е нелогично.

Министерството за внатрешни работи во овој момент, со сега воспоставениот систем, при изработката на личните карти и возачките дозволи на граѓаните кои аплицираат за нив, веќе ги имаат сите нивни лични податоци и службениците се обврзани да ги чуваат и користат во рамките на активностите кои што се со закон дозволени. Граѓаните и во моментов ги даваат своите лични податоци на апликација, во системите на Министерството за внатрешни работи ги имаат заведено, што значи дека веќе државата располага со нив! Доколку граѓаните ги имаат личните карти и возачките во нова апликација, тоа за нив само би значело дека физичките лични карти и возачки нема да мора да ги носат со себе, а не дека некако државата ќе воспостави нов вид контрола врз нив и нивните животи или лични податоци.

Во објавата невистинито се тврди дека „без телефон нема да има живот“ и дека „ако снема струја, интернет сите лични податоци на луѓето во телефоните и ќе бидат нивни“. Невистина е затоа што дигиталната апликација преку која граѓаните ќе имаат лична карта и возачка дозвола во електронски облик е опционална, а не задолжителна, а физичките лични карти остануваат задолжителни, изјавија за „Вистиномер“ од Министерството за дигитална трансформација.

Не се задолжителни (електронските н.з), остануваат задолжителни физичките лични карти. Електронските ќе бидат опционални за оние граѓани што сакаат да користат дигитални алатки. Личните податоци не се компромитираат во ниту еден случај бидејќи се работи за EIDAS 2 стандард на Европската Унија и законот за заштита на личните податоци. Има план за дигитален паричник, измената на Законот е во Собрание во моментов, но тоа ќе биде во втората фаза од имплементацијата, не веднаш со апликацијата – изјавија за „Вистиномер“ од Министерството за дигитална трансформација.

Затоа не е вистина дека дигиталната апликација е „ново ропство“, таа е наменета за тие што сакаат да ја користат оваа погодност. Никакви човекови права нема да им бидат одземени на граѓаните ако користат електронска лична карта или ако користат електронска возачка дозвола, ниту пак некакви темни сили стојат зад дигитализацијата. Украина веќе користи сличен систем ДИИА (кратенка од „Државата и јас“), што претставува мобилна апликација и веб-страница пуштена во употреба во 2020 година, која им овозможува на Украинците да користат дигитални документи на нивните паметни телефони за идентификациски цели. ДИИА порталот овозможува пристап до 130 владини услуги во Украина. Експерти за „Еуроњуз“ тврдат дека со дигиталната апликација и паричник, всушност им се дава поголема контрола на граѓаните и не се загрозува приватноста.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press