Ниту милиметар, ниту сантиметар туку километри ги делат македонско бугарските позиции

Во прашање не се милиметри и сантиметри, туку по сè изгледа километри. Вчерашниот говор на премиерот Христијан Мицкоски во македонското Собрание и денешната резолуција на бугарскиот парламент како да откриваат сè подлабока и повидлива дистанца меѓу позициите на Скопје и Софија.

И двете страни покажуваат цврст став кој како да е без простор за компромис. Мицкоски вчера рече дека „нема да мрдне ни милиметар“ без Македонец во бугарскиот Комитет за малцинства, а бугарскиот министер за надворешни денеска возврати дека Бугарија „нема да се повлече ниту еден сантиметар“ од позицијата вметната во преговарачката рамка, односно Бугарите да влезат во Уставот. Сето тоа доаѓа по првиот драфт – извештај на новиот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц.

Аргументот на Мицкоски се чини дека е заснован на реципроцитет. Ако Бугарите во Македонија заслужуваат да бидат во македонската уставна Преамбула, тогаш и Македонците во Бугарија заслужуваат претставник во Комитетот, односно признавање на нивното постоење. Но, во денешни околности, употребата на изразот „ни милиметар“ прераснува во политички сигнал дека сегашната влада нема намера да го спроведе клучниот услов за отварање на кластерите со ЕУ без Бугарија да исполни до некаде симетрично барање. Ситуацијата се комплицира ако се има предвид дека земјите-кандидати не се во иста позиција да поставуваат ултиматуми споредено со оние кои се веќе членови на клубот.

Македонските власти и до сега не спореа со фактот дека Бугарите треба да влезат во Уставот ако сакаме напредок во преговорите, но бараа гаранција дека Бугарија нема да има други барања во однос на истите или слични прашања иако таква не можат да добијат.

Слична е и пораката од Софија: нема назад. Ниту сантиметар. За милиметри не разговараме. Бугарскиот парламент едногласно ја прифати декларацијата со која, како што велат, „за последен пат“ ја потврдуваат нивната позиција. Не ги прифаќаат „сите обиди во рамките на форматите и институциите на ЕУ за повторно преговарање, заобиколување или игнорирање на елементи од постигнатите договори“.

Како што Мицкоски побара Македонец во Комитетот, така Бугарите преку нивниот Парламент, бараат Македонија да донесе акциски план за заштита на правата на македонските Бугари.

Бугарските пратеници потенцираат дека за нив прашањето не е билатерално туку дел од европскиот консензус а реториката на „сантиметри“ ја зацврсти бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев, кој потврди дека Софија нема намера да попушти.

„Европскиот, воздржан дипломатски тон и однесување на Бугарија, во апсолутен контрапункт на понекогаш многу хистеричното однесување на другите земји, не треба да се мешаат со недостаток на активност. Бугарија ќе продолжи да се придржува до договорот од 2022 година. Ние нема да се повлечеме ниту сантиметар од него“, вели тој.

Мицкоски во Скопје го истакна и драфт извештајот на специјалниот известувач на ЕУ што ќе се најде пред европратениците на 4 јуни како прв пример на признавање на македонскиот јазик и идентитет во Европа. Самиот драфт-извештај е јавно достапен, и е ставен на дневен ред на Комисијата за надворешни работи на ЕП, но во него не се вклучени референците на македонскиот јазик и идентитет. Тие се предложени како амандмани од повеќе европратеници, вклучувајќи го и самиот специјален известувач. Но, постојат и амандмани од бугарските европратеници, а и од дел од останатите членови на Европскиот парламент. Всушност, за извештајот на Вајц има вкупно 313 поднесени амандмани.

Така на пример, еден од амандманите на Вајц ја предлага следната содржина на текстот на извештајот додавајќи го делот „целосно почитувајќи го македонскиот јазик и идентитет“:

„Потсетува на потребата од одржување на моментумот и кредибилитетот на процесот на европска интеграција; забележува дека Северна Македонија продолжува да покажува посветеност на интеграцијата во ЕУ и усогласување со политиките на ЕУ; повикува на брз напредок во пристапните преговори истовремено истакнувајќи ја важноста од усвојување на уставните амандмани целосно почитувајќи го македонскиот јазик и идентитет; ги охрабрува сите политички партии во Северна Македонија да се вклучат во конструктивен дијалог за да се постигне потребниот консензус за овие амандмани, што би го зајакнало мултиетничкиот карактер на земјата и би го забрзало нејзиниот напредок кон членство во ЕУ“.

Но, за волја на вистината, ова нема да биде прв пат Европската унија на високо ниво да даде потврда за македонскиот јазик и идентитет. Тоа ги направи претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен  во 2022 година пред преполната собраниска сала во Скопје. Тогаш пратениците на ВМРО-ДПМНЕ заедно со пратениците на про-руската Левица протестираа и извикуваа „предавници“.

Клучниот проблем, дали вклучувањето на Бугарите во македонскиот Устав значи губење на македонскиот јазик и идентитет или е само технички предуслов изгледа како лажна дилема. Дилема која македонскиот премиер ја повтори и на CPAC во Будимпешта тврдејќи дека македонскиот идентитет е под закана и државата треба да го одбрани својот суверенитет.

Двете страни, и покрај сигналите на добра волја од Брисел, уште повеќе се закопуваат во своите замислени ровови оставајќи ги како единствени губитници македонските граѓани а во исто време повикувајќи се на европските стандарди.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press