Oд Штип до Кочани по нов, експресен пат

Штип, 26.12.2022

Од денес напладне од Штип до Кочани може да се патува по новиот експресен пат кој се градеше седум години.

На свеченото пуштање на втората делница од оваа патна насока од селото Крупиште до Кочани присуствуваа премиерот Димитар Ковачевски, министерот за трансппорт и врски Благој Бочварски и директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми.

-Завршена е голема работа од значење за целиот Источен регион. Им се заблагодарувам на сите кои беа вклучени во реализација на овој важен проект, а посакувам во Новата 2023 година да имаме уште повеќе настани од ваков тип, рече Ковачевски. Тој потенцира дека со изградбата на нови патишта се забрзува и олеснува патувањето на граѓаните, а се зголемува и безбедноста во сообраќајот.

Вкупната должина на експресниот пат Штип-Кочани изнесува 28 километри и во неговата изградба се инвестирано 37, 3 милиони денари. Вкупната ширина на патот е 11,4 метри, тој има четири ленти, по две коловозни од по 3,5 метри и две ленти за застанување од по два метри, како и две рабни ленти од по 0,20 метри. Максималната брзина на движење е ограничена на 110 километри на час.

Патото го градеше кинеската градежна компанија Синохидро која го изгради и автопатот Миладиновце-Штип, додека надзорот беше во надлежност на „Патинвест инженеринг“ од Софија, Бугарија.