Oд Европа до Сибир: Антрополози ги мапирале миграциите на неандерталците преку компјутерски симулации
Новите сознанија за патеките по кои праисториските луѓе од изумрениот вид неандерталци се движеле низ Евроазија, покажуваат дека тие релативно брзо стигнувале од Европа до Сибир.
Истражувањето објавено на 9 јуни преку научен труд во списанието PLOS One, го извршиле професорот Раду Иовита од Универзитетот Њујорк и Емили Коко од Универзитет Алграве од Португалија.
Тие ги искомбинирале познатите информации добиено од релативно малиот број археолошки наоѓалишта за да спроведат компјутерски симулации, во кои било земен предвид релјефот и климатските услови во минатото за областите низ кои се протегала рутата со должина од околу 3.250 километри.
Научниците мапирале две миграции на неандерталците од источна Европа до Сибир. Тие се случувале во периоди на глобално затоплување помеѓу ледените доба, кога глечерите што ја покривале Евроазија привремено се повлекувале кон Северниот Пол.
Во изјава за платформата за научни вести Phys.org, Коко посочила дека нивните „наоди покажуваат дека наспроти препреки како планини и големи реки, неандерталците можеле да преминат преку пространствата на Северна Евроазија изненадувачки брзо“.
При тоа, не се работело за насочено и намерно патување од една до друга точка, туку за постепено ширење низ животниот простор кое траело со генерации, во тек на околу две илјади години.