Универзитетското студентско собрание на УКИМ (УСС-УКИМ) доставиле две официјални барања до Државниот студентски дом – Скопје, студентскиот дом „Пелагонија“ и Министерството за образование и наука, во врска со унапредување на условите за престој и живот во студентските домови. Од УСС УКИМ апелираат на навремено решавање на проблемите во студентските домови.
Според соопштението на УСС-УКИМ во првото барање, доставено до Државниот студентски дом – Скопје, се апелира за навремена проверка и повторно оспособување на нефункционалните лифтови во објектите на ДСД – Скопје.
Со оглед на приближувањето на новата академска година и очекуваниот зголемен број на станари, се нагласува значењето на функционални лифтови – како за олеснување на секојдневното движење, така и за овозможување безбеден и пристапен престој за сите студенти, вклучително и за оние со ограничена подвижност.
Во второто барање, кое е упатено до студентскиот дом „Пелагонија“ и МОН, УСС-УКИМ бараат итна санација и сервисирање на бојлерите и целиот систем за топла вода, имајќи ги предвид честите проблеми со греење и топла вода во изминатите зимски сезони.
Дополнително, се посочува на хроничниот проблем со нефункционалните лифтови во овој дом, што претставува посебна тешкотија за студентите со здравствени или физички ограничувања.
Со овие барања, УСС-УКИМ апелираат до институциите за навремена и одговорна интервенција уште во текот на летниот период, со цел почетокот на академската година да го дочекаме со подобрени услови за живот и студирање.
„Овие интервенции се клучни за обезбедување на елементарни услови кои студентите ги заслужуваат. Ќе продолжиме гласно и одговорно да ги пренесуваме реалните потреби на студентите,“ – истакна Александар Николовски, претседател на Универзитетското студентско собрание на УКИМ.