Oдликувањето „Медал за заслуги“ од Пендаровски за Лечиќ, Георгиевски-Буштур, Богоевски, Насев и Костовски

Скопје, 23.06.2023

Претседателот на државата Стево Пендаровски денеска, на свечена церемонија во претседателскиот, им го врачи одликувањето „Медал за заслуги за Република Северна Македонија“ на петмина доајени кои оставија траен белег на спортските терени и дадоа огромен придонес за афирмација на македонскиот спорт и држава.

Со „Медал за заслуги“ се одликувани великаните на македонската кошарка Лазар Лечиќ (84) и постхумно на легендарниот кошаркар Благоја Георгиевски Буштур, кој загина во сообраќајна несреќа во 2020 на 69 годишна возраст, како и одбојкарската легенда Владимир Богоевски (69), долгогодишниот селектор на македонската репрезентација во борење слободен стил Насе Насев (70) и актуелниот претседател на Македонската Таекводно федерација и селектор на националниот тим Борче Костовски.

– Иако сме мала нација како број, можеме да бидеме горди на нашите врвни спортисти, кои во индивидуалните и колективните спортови остваруваа и остваруваат врвни резултати. Претходно веќе имав можност на дел од нашите освојувачи на највредни олимписки медали да им доделам највисоки државни признанија. Денес, уште пет наши спортисти, спортски работници, тренери и селектори, кои стојат за успесите на спортистите, ќе добијат „Медал за заслуги“, рече Пендаровски во своето обраќање.

Осврнувајќи се на придонесите на секој од петмината македонски спортски великани поединечно, Пендаровски истакна дека Лечиќ е едно од најзначајните имиња за развојот на македонската кошарка. Нарекувајќи го поранешниот кошаркар на Работнички и македонски селектор Благоја Георгиевски, вонсериски талент, Пендаровски потсети дека Буштур ги достигна највисоките височини, освојувајќи медали на најголемите натпреварувања.

-Како нација сме среќни што имаме играч од светска класа и успешен тренер во името на Владимир Богоевски, а зад нашиот најуспешен спорт борењето во слободен стил стои легендарниот селектор Насе Насев, рече претседателот Пендаровски и порача дека успехот на теквондистот Дејан Георгиевски на Олимписките игри во Токио, е дело и на селекторот Борче Костовски.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе