Општина Аеродром соопшти дека „по долг период на поплаки од граѓаните и укажувања за несоодветно собирање на отпад“, изрекле прекршочна казна во висина од 88.000 евра на Јавното претпријатие „Комунална хигиена – Скопје“. Од Општината појаснуваат дека станува збор за институционална санкција донесена како резултат на утврдени пропусти и нефункционирање на претпријатието на терен.
„Како градоначалник, сметам дека ова не е нормална и прифатлива состојба“, вели в. д. градоначалникот Дејан Митески, додавајќи дека Општина Аеродром нема да дозволи да биде заложник на, како што рече, „нечија неспособност и неодговорност“.
Жителите на Аеродром, според Општината, секојдневно се жалат на преполни контејнери, нечисти улици и недостаток од редовно одржување, иако редовно ги подмируваат своите комунални давачки. Општината најави засилен инспекциски надзор и санкции за сите субјекти кои не ги извршуваат своите обврски.
„Аеродром заслужува чиста, уредна и достоинствена животна средина. Остануваме транспарентни и на страната на граѓаните“, стои во соопштението.