Видеото не се појавува во ниту една снимка од кредибилни новински агенции или светски медиуми, коишто широко известуваат за пожарите во Лос Анџелес. Проверувачите на факти на Њуз Метер пишуваат дека видеото не е вистинско туку е креирано со вештачка интелигенција и не прикажува вистински и реални снимки од пожарите во Лос Анџелес, пренесуваме текст во целост од Вистиномер.
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува видеоматеријал за кој се наведува дека ги прикажува пожарите во Лос Анџелес, Калифорнија.
Пожарите во Лос Анџелес продолжуваат да горат на голема површина
Резервоарот во Палисадес, Калифорнија со 117 милиони галони вода бил исклучен, претходно планиран за одржување. Бил празен кога пожарот букнал во Лос Анџелес. Во Лос Анџелес во погодените области бил нареден полициски час, пишува во описот на видеото.
Лос Анџелес е зафатен од разорни пожари во коишто до 12 јануари 2025 година, според Би Би Си, загинаа 24 лица, а 16 до тој датум се водеа како исчезнати. Си Ен Ен извести дека површината што е изгорена е поголема од Париз. Среде оваа криза видео што прикажува различни сцени од пожари, вклучително и планини зафатени од пламен, се споделува на социјалните мрежи и во објавата што ја рецензираме.
Проверувачите на факти на Њуз Метер пишуваат дека видеото не е вистинско, туку е креирано со вештачка интелигенција и не прикажува вистински и реални снимки од пожарите во Лос Анџелес.
Видеото не се појавува во ниту една снимка од кредибилни новински агенции или светски медиуми, коишто широко известуваат за пожарите во Лос Анџелес и дури и креираат посебни рубрични категории на темата како овој пример.
Сепак, некои корисници на социјалните мрежи на „Икс“ забележаа дека се работи за креација со вештачка интелигенција. И во С. Македонија имаше реакции на корисници кои го забележале трендот и ова видео се посочуваше како креирано со вештачка интелигенција поради тоа што во кадарот со возилото сопрено покрај патот регистарската табличка е со чудна нечитлива содржина, но и други показатели.
Видеото е создадено со спојување на 6 клипови на кои се прикажани пламени јазици кои голтаат на различни локации. Го анализиравме видеото со екстрахирање на кадри и ги проверивме во детектор за вештачка интелигенција. На првиот кадар има пат со палми од двете страни кој води до планина што гори. Вториот кадар има сопрен автомобил и семафор под огненото небо. На третиот кадар е градот од високо додека гори и се шири чад, на четвртиот кадар има пламен што голта згради и патишта. На петтиот кадар има рид во пламен, а последниот кадар е од портокалово небо. Сите овие кадри се детектирани како креација на вештачката интелигенција (линк, линк, линк, линк,линк, линк), пишуваат проверувачите на факти на Њуз Метер.
Друг детектор со име Wasit AI, покажува дека со исклучок на последниот кадар, сите пет други биле креирани со вештачка интелигенција.
Кога видеото ќе се пребара со Hive moderation резултатите покажуваат дека веројатноста да содржи дипфејк или содржина креирана со вештачка интелигенција е 99,8 проценти.
Што се однесува на наведеното во објавата дека резервоарот во Палисадес со 117 милиони галони вода бил исклучен поради претходен план за одржување, тоа е точно. Лос Анџелес Тајмс објави дека за ова ќе има истрага. Првичните информации на Лос Анџелес Тајмс се дека акумулацијата Санта Инез била затворена од февруари поради поправка на нејзиниот капак оставајќи го празниот комплекс за складирање вода од 117 милиони галони празен.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како altered content (изменета содржина со AI).
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар