Проверката на факти е ефикасна во борбата против дезинформациите и таа не е цензура

Европската мрежа за стандарди за проверка на факти (ЕФЦСН) е разочарана од одлуката на „Мета“ да ја прекине својата програма за проверка на факти почнувајќи од САД и притоа силно ги осудува изјавите на извршниот директор кои ја поврзуваат проверката на фактите со цензурата, наведено е во нивната реакција по најавите на Марк Закерберг дека ја прекинува употребата на независна проверка на фактите на своите платформи, почнувајќи од САД.

„Ова повеќе изгледа како политички мотивиран потег направен во контекст на идната администрација на Доналд Трамп во САД отколку на одлука заснована на докази“, изјави Клара Хименез Круз, претседателка на ЕФЦСН.

Мрежата ја охрабрува Европската Унија да се спротистави на политичкиот притисок и да не дозволи тој да ги наруши нејзините напори за справување со ширењето на дезинформации на големите онлајн платформи. Како што потенцираат оттаму, проверката на факти не е цензура и таа дава контекст и факти за секој граѓанин врз основа на кои потоа самиот си одлучува. Проверката на фактите е докажана како ефикасна во борбата против дезинформациите.

„Поистоветувањето на проверката на фактите со цензурата е лажно и злонамерно тврдење. Проверувачите на факти не „цензурираат“ никого. Нашите членови истражуваат и објавуваат докази за потенцијално лажни тврдења. Отсекогаш била одлука на „Мета“ што да прави со етикетата за проверка на факти за содржината, а не наша“, наведено е во соопштението на ЕФЦСН.

Oттаму потсетуваат на изјавата на Закерберг, кој вели: „Проверувачите на факти едноставно беа премногу политички пристрасни и уништија повеќе доверба отколку што создадоа“.

„Ова е лага. Проверувачите на факти се водат според највисоките новинарски стандарди за непристрасно известување, транспарентност, интегритет и одговорност, при што организациите како ЕФЦСН ги поддржуваат овие стандарди преку независно спроведена ревизија. Поврзувањето на проверката на фактите со цензурата е штетно бидејќи таквите лажни тврдења се една од движечките сили зад вознемирувањето и нападите врз проверувачите на факти. Дополнително, овие тврдења може само да го влошат и онака горливото прашање кое влијае врз проверувачите на факти ширум светот“, се додава во соопштението.

Со оглед на тоа што неколку европски земји се упатуваат кон изборите во 2025 година, платформите кои се повлекуваат од борбата против погрешните и дезинформациите дозволуваат, па дури и потенцијално повикуваат мешање во изборите, особено од странски актери. Особено ЕУ мора да застане цврсто во спроведувањето на сопствените закони, дури и наспроти притисокот од другите земји.

Што велат фактите (и Мета) за влијанието на програмата за проверка на факти

Од ЕФЦСН потенцираат дека во соопштението од Мета, исто така, се изедначува со цензура системот за означување на проверени дезинформации, наведувајќи дека „Програмата наменета за информирање премногу често стана алатка за цензурирање“.

„Ова е всушност спротивно од функционирањето на системот за означување. Означувањето на дезинформациите им овозможува на корисниците сами да донесат информирана одлука за тоа која содржина ќе ја споделат или ќе коментираат“, велат од ЕФЦСН.

Всушност, како што се додава, само минатата година пред парламентарните избори во ЕУ, Мета ја нагласи ефективноста на својот систем за означување, наведувајќи: „Помеѓу јули и декември 2023 година, на пример, над 68 милиони содржини прегледани во ЕУ на Фејсбук и Инстаграм имаа ознаки за проверка на факти. Кога е ставена ознака за проверка на факти, 95% од луѓето не кликнуваат за да ја видат“.

Мета, исто така, претходно ја прослави својата Програма за проверка на факти од трети страни како успешна и корисна за корисниците, наведувајќи: „Знаеме дека оваа програма функционира и луѓето гледаат вредност во ознаките за предупредување што ги прикажуваме на содржините откако партнерот за проверка на факти ќе го оцени”.

Во најновото соопштение, извршниот директор на Мета алудира на „премногу грешки и премногу цензура“; но најновиот извештај на Мета за транспарентност според DSA,  покажува дека грешките во проверените содржини влијаеле само на 3,15 отсто од вкупните поплаки за деградирање на Facebook.

Понатаму, од ЕФЦСН посочуваат дека моделот на Забелешки на заедницата (Community Notes) предложен како алтернатива на Програмата за проверка на факти од трети страни, исто така, има слабости.

„Забелешките на заедницата може да се најкорисни во спротивставувањето на лажните тврдења кога се засноваат на соодветна експертиза и работа за проверка на факти. Во контекст на изборите во САД во 2024 година, Појнтер објави дека Забелешките на заедницата на X во најдобар случај имале исклучително маргинален ефект во борбата против изборните дезинформации. Од друга истрага, организацијата членка на ЕФЦСН. Science Feedback откри дека повеќето од содржините на X (поранешен Твитер) за кои проверувачите на факти утврдиле дека се лажни или погрешни, немале видливи знаци дека биле модерирани“, се вели во соопштението на ЕФЦСН.

Европската мрежа за стандарди за проверка на факти е здружение на организации за проверка на факти кои се обврзуваат на стандардите за независност, транспарентност и новинарски квалитет наведени во Европскиот кодекс на стандарди за независни организации за проверка на факти. Со над 50 потврдени членови низ Европа, ЕФЦСН е гласот на европските проверувачи на факти. Фондацијата Метаморфозис е еден од основачите и членка на ЕФЦСН која целосно ги исполнува пропишаните стандарди.

Постави коментар

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе