Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп нареди стопирање на закажувањето нови интервјуа за студентски визи и визи за размена (од типот F, M и J), додека Стејт департментот разгледува можно проширување на проверките на социјалните мрежи за сите странски студенти што аплицираат за студии во САД.
Ова се наведува во интерен дипломатски документ до кој дојдоа Политико и Ројтерс, потпишан од државниот секретар Марко Рубио. Во документот стои дека конзуларните претставништва „не треба да закажуваат нови термини за интервјуа“ сè додека не биде издадено дополнително упатство.
Според информациите, новите проверки би можеле сериозно да го забават процесирањето на визите и да влијаат негативно врз универзитетите, особено оние кои силно се потпираат на странски студенти како финансиски ресурс. Иако администрацијата и претходно воведе ограничени проверки за студенти кои се враќаат во земјата, сега станува збор за поширока промена што може да ги засегне сите апликанти.
Новиот потег се надоврзува на претходни обиди на администрацијата да ги контролира студентските протести поврзани со израелско-палестинскиот конфликт, вклучително и објавите со палестинско знаме на социјалната мрежа X (поранешен Twitter), за кои не е јасно дали ќе бидат доволна причина за дополнителни проверки.
Реакциите од академската заедница не изостанаа. Организацијата NAFSA, која застапува интереси на странски студенти, ја оцени мерката како штетна и дискриминаторска. Извршната директорка, Фанта Оу, изјави:
„Идејата дека амбасадите имаат време, капацитет и дека се трошат јавни пари на ова е навистина проблематична. Странските студенти не се закана – тие се огромен придонес за оваа земја“.