ШТИП: Во индустриската зона eсенва ќе се гради фабрика за производство на батерии, ќе се отворат нови 150 работни места
Штип, 27.06.2025
Штип наскоро ќе добие нов стопански капацитет, фабрика за производство на батерии што е инвестиција од 36 милиони евра. Ова го потврди премиерот Христијан Мицковски.
-Очекуваме есенва да биде поставен камен темелник на новата инвестиција во индустриската зона во Штип. Станува збор за фабрика која ќе вработи до 150 луѓе и во која ќе бидат инвестирани околу 36 милиони евра, рече премиерот.
Мицковски не прецизира чија е инвестицијата и од која држава доаѓа инвеститорот, но само кажа дека станува збор за фабрика за производство на батерии, чиј инвеститор доаѓа од земја од Европската Унија.
-Во текот на вчерашниот ден, во разговор со директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, информиравме дека имаме нова инвестиција која е потврдена во индустриската зона во Штип, која во својот пик за три години од денеска ќе извезува 300 милиони евра, кои ќе влезат во БДП. Ова е веќе договорено со инвеститорот, рече Мицкоски на денешната прес-конференција.
Во однос на проекциите поврзани со економскиот растна Македонија, Мицкоски одговори дека се работи на оваа тема, посочувајќи дека се добри резултатите во рамките на Адриа регионот и се надева дека и во вториот квартал вака ќе продолжи.
-Со Министерството за финансии сме на истиот став, во однос на она што се предвидува. Работиме силно на таа тема. Добри се резултатите во рамките на регионот на Адриа. Конечно после години стагнација и цврсто заковани на дното, сега сме први. За многу кратко време се консолидираат работите. Позади нас се Хрватска со 2,9 проценти, Босна и Херцеговина, Црна Гора па се до Словенија. Се надевам дека и во вториот квартал така ќе продолжи. Првите индикатори од април и делумно од мај се во таа насока, така што тоа би претставувало еден добар тренд и тоа значи дека конечно се консолидираме, рече Мицкоски.