Сиљановска-Давкова: Родовата еднаквост не значи предност, туку еднаков терен за сите

Претседателката на Република Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, се обрати на настанот посветен на промоцијата на наодите од Родовата самопроценка и Родовиот акциски план 2024–2028 г. во Министерството за одбрана и Армијата, што се реализира како дел од севкупната реформа на безбедносниот сектор.

Настанот, организиран од Министерството за одбрана и Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор (DCAF), го заокружува првиот ваков процес на самопроценка во областа на родовата еднаквост во одбранбениот сектор во регионот.

Претседателка и врховна командантка на вооружените сили, Сиљановска-Давкова нагласи дека вистинската борба за жените не започнува на боиштето или во мисиите, туку во самите редови на Армијата, како борба за еднаков третман, вреднување и можности за напредок.

„Промовирањето на родовата еднаквост не подразбира давање предност, туку отстранување на пречките и создавање еднаков терен за сите“, истакна таа, додавајќи дека е потребна солидарност, вклученост и личен пример за искоренување на длабоко вкоренетите родови стереотипи.

Претседателката упати и критика за недоволната застапеност на жени на раководни позиции во Армијата, при што повторно повика на предлози за жени генерали, најавувајќи поддршка во процесот на постигнување вистинска родова рамноправност.

Во своето обраќање, таа го најави и планот за основање на Национален центар за извонредност, со цел да се вреднува и поддржи потенцијалот на секој поединец без оглед на полот, нарекувајќи го прашањето за родова еднаквост – прашање на национална безбедност.

Сиљановска-Давкова порача дека силната и правична Армија, која ги ползува вештините на сите граѓани, е темелот на секоја стабилна држава.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press