Со промоција на Монографија и хуманитарна изложба, одбележан јубилејот , 55 години ликовно создавање на Јордан Манасиески
Големата сала на општина Охрид , синоќа, беше претесна да ги прими сите вљубеници во ликовната уметност, пријатели и почитувачи на ликовниот опус на академскиот сликар Јордан Манасиески, кој, одбележа голем јубилеј – 55 години ликовно создавање.
По тој повод беше промовирана богато опремена Монографија за овој македонскиот уметник, со потекло од Охрид и со потврдено високо светско реноме.
Станува збор за обемно и богато дело од 480 страници со тврд повез, со повеќе од 300 репродукции во боја и текст на македонски и англиски јазик.
И се придава енциклопедиско значење и содржи критички осврти од повеќе историчари на уметност и тоа: Салваторе Русо – Италија, Рути Такер – САД, Санда Станачев Бајзек – Хрватска, Драган Јовановиќ Данилов – Србија, Бисера Валева – Бугарија и најистакнати македонските критичари и вљубеници во уметноста.
Изданието ја содржи целокупната досегашна уметничка кариера на Манасијески, во која се документирани настаните од домашната и меѓународната уметничка сцена: промоции, изложби, учества на интернационални уметнички салони за модерна уметност и добиени награди.
Книгата, со одбрани зборови, ја промовираше историчарот на уметност Владо Ѓорески-Рафик.
Говореше, во улога на промотор и Љупчо Жупан од Галерија „Букефал“, најпреданиот соработник на Манесисески, со кого ги обиколија и излагаа дела во најпрестижните светски галерии, од Токио, до Њујорк и Фиренца, се до култниот Лувр во Париз.
Во име на општина Охрид, соорганизатор на настанот и софинансиер на проектот, говореше заменичката на градоначалникот Ана Крстеска.
Настанот беше впечатливо поткрепен со придружна музичка програма, на која настапи, моментално најафирмираниот гитарист Дамјан Пејчиноски, виртуозот, за кој самиот Влатко Стефаноски вели дека е неговиот наследник, како и женскиот хор „Акордис“.
Манасиески, преку своите уметнички дела и ликовни излагања во Германија, Франција, САД, Јапонија , Англија и во многу други земји успеа да го постави Охрид и Македонија на светската културна мапа со што спонтано станува наш ликовен амбасадор во странство.
За охридскиот, македонски и интернационален уметник имаат пишувано многу историчари на уметност, а неговите дела и животен пат се документирани на филмското платно.
Во 2004 година изложувал во Бон и Троисдорф – Германија ;2009 година изложува во есенскиот салон во Париз каде неговата слика “Пред величествената порта“ ќе биде кандидат за наградата Гранпри на Салонот.
Истата година добива специјална награда за цртеж на Светската галерија за цртеж од Остен , Скопје а следната 2010 година на покана на салонот “Големите ѕвезди на утрешнината “ која се одржува во музејот Лувр во Париз ќе ја изложи сликата “Молитва за радоста“ за што ќе доби специјална награда од Јапонската асоцијација за современа уметност а истата година со таа асоцијација ќе изложува во Токио во престижниот музеј Д-О со сликата “Цветови за небесната балерина“.
Сликата “Приказна за светите простори“ влегува во обемниот каталог за модерна уметност издаден од јапонската асоцијација за 2010 година. 2011 година изложува на “ARTEX“ во Њу Јорк со сликата “Пријатели на светлината“а истата година изложува и на 8-то Интернационално Биенале во Фиренца – Италија каде го изложува едно од неговите капитални дела “Визија за радоста“.
2011 година учествува на добротворната изложба за децата кои ги загубија родителите од цунамито во Јапонија, а неговата слика “Радост“ е дел од специјалниот музички перформанс “We are not alone“ издадено од големите Јапонски Ѕвезди TSUBASA и Mai Kawamura.
2013 година изложува на АРТЕХ -Париз.
Од Интернационалниот Биографски Центар – Кембриџ Англија е препорачан да влезе во престижниот речник на Интернационални Биографии 2013 година, и истовремено од Комисијата за награди од ИБЦ – Кембрич е номиниран во топ 100 професионалци за 2013 за уметност.
Во 2014 награден е со Сребрен медал “Човек на годината за 2013“ од ИБЦ- Кембриџ. Манасиевски по прв пат ќе се претстави пред домашната публика во галеријата на музеј Робевци во Охрид 2013“.
За придонесот за афирмација на градот, Македонија и пошироко Охригани, во 2014 година, му се оддолжија со највисокото признание – Светиклиментовата награда, врз претходно распишан конкурс.
Веле Митаноски