Специјалната претставничка на Обединетото Кралство за Западен Балкан во прва посета на Македонија

Специјалната претставничка на Обединетото Кралство за Западен Балкан, дамата Карен Пирс, денеска ја реализира својата прва официјална посета на Северна Македонија.

Во рамки на посетата, Пирс ќе оствари средби со претседателката Гордана Сиљановска Давкова, премиерот Христијан Мицкоски, претседателот на Собранието Африм Гаши, како и со министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Од Британската амбасада во Скопје информираат дека целта на посетата е да се потврди силната поддршка за евроатлантските интеграции на Северна Македонија, зајакнување на економските и трговските врски, како и соработка во промовирањето на заедничките вредности за мир и стабилност во регионот.

„Чест ми е што сум назначена за специјална претставничка на Обединетото Кралство за Западен Балкан и што ја посетувам Северна Македонија за прв пат во оваа улога. Доаѓам во посета пред Самитот на Европската политичка заедница што ќе се одржи во Тирана оваа недела и Самитот на Берлинскиот процес што Обединетото Кралство го организира оваа есен со лидерите од Западен Балкан. Обединетото Кралство останува целосно посветено на зајакнување на стабилноста, безбедноста и економската соработка во регионот“, изјави Пирс.

Карен Пирс е меѓу најискусните британски дипломати, а во февруари годинава беше назначена за специјална претставничка за Западен Балкан, преземајќи ја функцијата од главниот воздухопловен маршал, лорд Стјуарт Пич.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press