Штип, 30.11.2016
Штипската „Канал плус“ и битолската „ХД ТВ Мега“ кои, според анализата на државната Агенција за медиуми (АВМУ), имаат исклучително мал досег до публиката (речиси никаква гледаност) сепак добиваат големи месечни рати од општинските буџети за информирање и за рекламирање!
„Канал плус“ добива најмногу пари од oпштина Штип. За рекламирање на нешто што не се гледа и слуша штипскиот градоначалник Илчо Захариев, за оваа ТВ, годишно издвојува неверојатни 1,2 милиони денари (20.000 евра), во месечни рати од по 100.000 денари.
И општина Делчево која е во големи долгови, иако и таму оваа ТВ не се гледа, со договор за пружање телевизиски услуги месечно и плаќа на телевизијата по 22.000 денари. За двете општини една рамка од сликата е иста: и во двете градоначалниците се од ВМРО ДПМНЕ а и Општинските совети се со мнозинство од владеачката партија.
Сопственик на „Канал плус“ е скопската фирма „ГМ трејд“ која ја поседува и битолската „ХД ТВ Мега“.
Според нашите сознанија другите две регионални телевизии „Ирис“ и „Стар“ од Општина Штип добиваат многу помалку пари, иако нивното влијание е многу поголемо, а од Општина Делчево не добиваат ниту денар без оглед дали и колку се гледани и какво е нивното влијание.