Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на денешната билатерална средба со државниот секретар на САД, Марко Рубио разговарале за трговските односи меѓу двете земји. Како што напиша Муцунски на социјалните мрежи, притоа постигнале „значаен исчекор во правец на намалување на тарифите“.
„Разговаравме и за можностите за натамошно продлабочување на трговските односи, постигнувајќи значаен исчекор во правец на намалување на тарифите и започнување процес за потпишување Договор за слободна трговија“, напиша Муцунски.
Тој додаде оти на состанокот со Рубио ја истакнал отвореноста на македонската влада за унапредување на економската соработка, привлекување американски инвестиции и зголемување на присуството на американски компании во нашата земја.
На средбата, како што информира Муцунски, била потврдена „извонредната соработка меѓу двете држави, заснована на заеднички вредности, политички интереси и долгогодишно пријателство“.
Муцунски нагласил дека македонската Влада е посветена на унапредување на политичкиот дијалог со САД, како и на институционализација на стратешкото партнерство преку заеднички Акционен план.
Муцунски и Рубио разговарале и за безбедносната соработка во рамки на НАТО. Министерот нагласил дека Македонија останува кредибилен сојузник со над 2 отсто од БДП вложени во одбранбениот сектор. Било посветеноо и особено внимание на регионалната стабилност и развојот на Западен Балкан.
На крајот од средбата, министерот Муцунски изразил благодарност за, како што вели, постојаната поддршка од САД, со уверување дека стратешкото партнерство ќе продолжи да се развива со уште поголема динамика и конкретни резултати, на билатерално, регионално и глобално ниво.
Инаку, претходно Федералниот Суд за меѓународна трговија во САД донесе одлука со која ги блокира резипрочните царини воведени од претседателот Доналд Трамп, на што Белата куќа поднесе жалба.
Американски суд ги блокираше царините на Трамп, Белата куќа ја обжали одлуката