Трамп ја претстави американската „Златна купола“, ракетен систем инспириран од израелската „Железна купола“
Само неколку дена по враќањето во Белата куќа во јануари, Трамп ги претстави плановите за „Златната купола“, систем осмислен да ги пресретнува т.н. закани од „следна генерација“ како балистички и крстосувачки ракети, јави Би-Би-Си.
Првичниот буџет предвидува дека ќе чини 25 милијарди долари, но проценките на американската влада велат дека за проектот ќе се потрошат многу повеќе пари во следните децении.
Трамп изјави дека новиот систем ќе биде составен од напредни технологии распоредени на копно, море и во вселената, вклучително и сензори и ракети-пресретнувачи во орбитата. Системот ќе биде под централизирана команда, велат американските одбранбени власти.
„Овој систем ќе биде способен да пресретнува проектили дури и ако се истрелани од другата страна на светот или од вселената“, рече Трамп, додавајќи дека Канада веќе побарала да биде дел од проектот.
Поранешниот канадски министер за одбрана Бил Блер, за време на посета на Вашингтон годинава, изјави дека е логично Канада да учествува во проектот, бидејќи тоа е во нејзин „национален интерес“, особено со оглед на безбедносните предизвици во Арктикот.
Иако делумно инспириран од израелскиот систем „Железна купола“, кој се користи од 2011 година за пресретнување ракети, американската „Златна купола“ ќе биде многу поголема и наменета за поширок спектар на закани – вклучувајќи хиперсонични проектили што се движат побрзо од брзината на звукот, како и орбитални системи за напади од вселената (FOBS).
PROMISES MADE, PROMISES KEPT: THE GOLDEN DOME
‘A generational investment in the security of America and Americans.’ – @SecDef
pic.twitter.com/v2YwImKB0E
— The White House (@WhiteHouse) May 20, 2025
„Сите ќе бидат соборени од небото. Успешноста е речиси 100%“, рече Трамп.
Според Трамп, за почетната фаза на проектот ќе се издвојат 25 милијарди долари од предлог-законот за даноци, или т.н. „Еден голем прекрасен закон“ (One Big Beautiful Bill), кој сè уште не е усвоен. Вкупните трошоци, пак, според него, би достигнале 175 милијарди долари, но Конгресната буџетска комисија проценува дека само вселенските компоненти на системот би можеле да ја чинат американската влада и до 542 милијарди долари во следните 20 години.
Трамп го назначи генералот Мајкл Гетлајн од Вселенските сили на САД за координатор на проектот. Генералот во моментов е заменик-началник на Вселенските операции.
Според Белата куќа, седум дена по преземањето на функцијата, Трамп го задолжил Пентагон да изработи план за новиот ракетен одбранбен систем, оценувајќи дека воздушните напади сè уште се „најкатастрофалната закана“ за САД.
„Ние имаме одредени системи, но вистински одбранбен систем нема. Никогаш не сме имале нешто вакво“, рече Трамп.
Брифинг-документ на Агенцијата за воено разузнавање на САД потврдува дека ракетните закани стануваат сè пософистицирани, а Русија и Кина активно развиваат проектили со цел да ги искористат празнините во одбранбените системи на САД.