Трамп тврди дека САД имаат „целосна контрола врз небото над Иран“, и покренува прашања за улогата на Вашингтон во конфликтот
Претседателот на САД, Доналд Трамп во објава на социјалните мрежи во вторникот потенцираше: „Сега имаме целосна и потполна контрола врз небото над Иран“ – тврдење што отстапува од претходните американски изјави дека израелската офанзива против Иран се спроведува без учество на САД.
Си-Би-Ес њуз се обрати до Белата куќа за појаснување што точно мислел претседателот кога рекол дека „ние“ ја имаме контролата врз иранското небо.
Трамп додаде: „Иран имаше добри радари и друга одбранбена опрема, и тоа во изобилство, но тоа не се споредува со она што го прави Америка. Никој не го прави тоа подобро од старите добри САД“. Израелската армија е опремена со авијација и оружја купени од САД.
САД досега му помагаат на Израел да се брани од иранските контраудари откако израелските сили почнаа со напади врз иранска територија минатата недела, но официјално тврдат дека „не се вклучени во едностраната акција на Израел против цели во Иран“.
Според пет извори на Си-Би-Ес, запознаени со дискусиите, Трамп размислува дали да се приклучи на израелските напади врз ирански нуклеарни објекти, вклучително и објектот во Фордо. Меѓу неговите најблиски советници нема целосен консензус.
Претходно на платформата Трут соушал, претседателот употреби заканувачки јазик за врховниот ирански лидер, ајатолахот Али Хамнеи. Во објава напиша дека САД знаат каде се крие Хаменеи, но дека немаат намера да го убијат, „барем не сега“.
„Точно знаеме каде се крие таканаречениот ‘врховен лидер’. Тој е лесна цел, но таму е безбеден, нема да го елиминираме (убиеме!), барем не за сега. Но, не сакаме проектили упатени кон цивили или американски војници. Нашето трпение е при крај. Ви благодариме за вниманието!“
Минута подоцна додаде: „БЕЗУСЛОВНА КАПИТУЛАЦИЈА!“
Белата куќа не даде дополнителни информации за коментарите на Трамп во врска со локацијата на Хамнеи.
Си-Би-Ес во неделата објави дека Трамп се противел на израелски план за ликвидација на Хамнеи.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху одби да ја исклучи можноста за напад врз врховниот лидер на Иран. Во интервју за Еј-Би-Си њуз што беше емитувано во понеделникот, на прашањето дали Израел би се обидел да го убие Хамнеи, Нетанјаху одговори дека земјата го прави „она што мора да го прави“.
Нетанјаху не смета дека таков потег би довел до ескалација, туку напротив: „Тоа нема да ја ескалира ситуацијата, туку ќе го заврши конфликтот“.
Потпретседателот Џеј Ди Венс во објава на мрежата Х (поранешен Твитер) во вторникот напиша дека претседателот „можеби ќе одлучи дека мора да преземе дополнителни дејствија за да ја прекине иранската програма за збогатен ураниум“, додавајќи: „Таa одлука, на крајот, е во рацете на претседателот“.
Венс додаде дека „луѓето имаат право да бидат загрижени за странски вмешувања по 25 години идиотска надворешна политика“, и ја истакна загриженоста на администрацијата во однос на активностите на Иран со збогатен ураниум.
„Сè уште немам слушнато ниеден добар аргумент зошто на Иран му е потребен ураниум збогатен над прагот за цивилна употреба“, што е околу 3 до 5 отсто. Меѓународната агенција за атомска енергија во последниот извештај објави дека Иран е единствената земја без нуклеарно оружје што произведува и складира ураниум збогатен до 60 отсто.
Венс исто така додаде: „Можам да ве уверам дека [претседателот] е заинтересиран само за тоа американската војска да се користи за постигнување цели што се од интерес на американскиот народ. Што и да направи, тоа ќе биде неговиот фокус“.
Претседателот Трамп го напушти економската Самитот на Г7 во Канада предвреме за да се посвети на случувањата на Блискиот Исток. Тој се врати во Вашингтон во вторникот наутро по локално време, откако ноќта ја мина летајќи од Калгари со „Ер Форс Уан“.
Американската амбасада во Ерусалим ќе остане затворена до петок, соопшти Стејт департментот во средата рано наутро по локално време, повикувајќи се на „безбедносната ситуација“. Амбасадата беше затворена и во вторникот. Владата советува граѓаните да не патуваат во Израел.
Од Стејт департментот велат дека засега „немаат најава за евакуација или помош на американски граѓани за напуштање на територијата“.