Универзитетот Св.Кирил и Методиј во Скопје, најстарата високообразовна институција во земјава, денес со доделување награди на најуспешните студенти го одбележа патрониот празник – Денот на Светите Кирил и Методиј.
На свеченоста се обрати министерката за образование и наука, која посочи дека универзитетот и натаму треба да јакне и да се вброи на листата од 1.000 најдобри светски универзитети.
Укажувајќи дека оваа година буџетот за образование е најголем досега, министерката нагласи дека за наука се издвоени 680 милиони денари и дека веќе се објавени три повици за распределба на средства за реализација на иновативни научно – истражувачки проекти.
„Нашата визија е високо образование на европско рамниште. Доколку студентите можат да одберат квалитетни студии во својата земја, не би оделе да бараат знаење на странски катедри“, рече министерката Јаневска.
Ректорката Биљана Ангелова изјави дека универзитетите веќе не се места каде што само се предава и се пренесува знаење, туку се и лабаратории. Зборувајќи за Светите Кирил и Методиј, Ангелова истакна дека нивната мисија претставува темел на европската културна историја но и директна инспирација за мисијата на УКИМ.
„Започнавме дигитална трансформација на процесите, од упис на студенти до онлајн платформи за учење во партнерство со Алијансата АCROSS EU отпочнавме неколку проекти кои ни обезбедуваат интернационализација на наставата и мобилност на студентите и кадарот. Во следниот период нашата посветеност ќе биде посочена кон уште неколку приоритети, зголемување на уделот на практичната компонента во наставата, поддршка за младите истражувачи, ревизија на наставни програми и мобилност на студентите и кадарот“, посочи Ангелова.
Таа за крај се заблагодари на професорите, наставниот кадар, администрацијата и студентите.
Претседателот на Универзитетското студентско собрание, Александар Николовски, им порача на студентите, дека нивниот главен фокус треба да биде на благодарноста и одговорноста.
„Бидете благодарни на себе, на вашиот труд, на оние што беа покрај вас – семејството, пријателите, професорите. Но благодарноста не е доволна сама по себе. Затоа, понесете и одговорност. Одговорност да го споделувате знаењето, да помогнете таму каде што можете, да бидете светло за следните генерации. Заедницата се гради со мали чекори, но секој од нив почнува од поединецот“, кажа Николовски.
На свеченоста беа наградени Харитина Сакова од Машинскиот факултет, Стефан Кофиловски и Ана Марија Наумовска од Правниот факултет „Јустинијан Први“, Душица Брачиќ од Природно-математичкиот факултет, Јана Видановска и Рената Павлеска од Факултетот за електротехника и информациски технологии, Димитар Пешевски од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, Марко Величковски од Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, Никола Ристевски од Филозофскиот факултет и Давид Стојаноски од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.
Исто така, наградата ја добија и Ања Даниловска и Софија Станческа од Економскиот факултет, Анастасија Петличковска од Медицинскиот факултет, Мими Дучева од Факултетот за музичка уметност, Ведран Чешарек од Факултетот за драмски уметности, Фросина Димоска од Фармацевтскиот факултет, Ивана Крстаноска од Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“, Никола Тренов од Факултетот за ликовни уметности, Беса Исмаили од Градежниот факултет, Стефан Лакордов од Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“, Васка Зарковска од Технолошко-металуршкиот факултет, Сара Ацковска од Факултетот за земјоделски науки и храна, Кристијан Ристовски од Архитектонскиот факултет, Анастазија Јеринчева од Стоматолошкиот факултет, Ненад Димковски од Факултетот за ветеринарна медицина, Мила Чолакоска од Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер и Надица Кремшовска од Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“.
На свеченоста ректорката Ангелова ги врачи и наградите „26 јули“ на студентите Никола Ристевски од Филозофски факултет, Ана Марија Наумовска од Правен факултет „Јустинијан Први“, Ања Даниловска и Софија Станческа од Економски факултет, Нина Насеска од Филолошки факултет „Блаже Конески“, Марта Митева од Архитектонски факултет и Талија Ѓорѓиева од Факултет за драмски уметности.