Уште едно двојче за македонските ученици на ПИСА тестирањето

Од Министерството за образование и наука овие резултати ги правдаат со негативните последици од пандемијата врз квалитетот на образованието

Македонските ученици се повторно меѓу последните од осумдесетина рангирани држави според најновите резултати од ПИСА тестирањето. Од вкупно 81 држава кои беа дел од тестирањето, Македонија е на 61 место според резултатите по математика со постигнати 389 поени. При мерењето на јазичната писменост, односно читање со разбирање, со постигнати 359 поени, рангирани сме на 71 место. По природни науки, пак, нашите ученици освоиле 380 поени, што ја рангира државата на 68 место.

Ако подетално се погледне извештајот, во постигањата по математика, нашите ученици се блиску во знаењата со учениците во Тајланд, Перу, Саудиска Арабија, Коста Рика. Во читање со разбирање друштво ни прават Индонезија и Албанија, а во природни науки, речиси ист број на поени нашите ученици освоиле со оние од Грузија, Азербејџан, Албанија.

„Во науката, односно во природните науки, просечниот јаз се зголемил за околу 10 поени помеѓу 2018 и 2022 година во земјите на ОЕЦД. Падови во постигањата по природни науки се забележани само кај учениците со општо пониски постигања. Значително подобрување има кај 15 годишниците во Финска и во Холандија, а значително намалување има во  Молдавија, С. Македонија, Катар и Саудиска Арабија. Во читање со разбирање, пак, падот на постигањата надмина 30 поени во Албанија, Исланд и Северна Македонија. Падови помеѓу 20 и 30 бодови се забележани и во Азербејџан, Финска, Кина, Малезија, Мароко, Холандија“, наведено е во извешајот.

ПИСА тестирањето го мерело и нивото на математичка анксиозност кај учениците. Така, таа е особено висока меѓу земјите/економиите со ниски нивоа на постигања во математиката. Притоа, 17 земји со највисоки нивоа на математичка анксиозност, постигнаа резултати под просекот на ОЕЦД во математика. Од тие 17 земји, 13 имаат среден успех по математика, под 400 поени.

Во Министерството за образование и наука (МОН) велат дека резултатите ќе бидат од исклучителна важност за ревидирање на постојните и креирање на идните образовни политики. Oттаму, овие резултати ги правдаат со негативните последици од пандемијата со ковид-19 врз квалитетот на образованието.

Инаку, земјава учествуваше во ПИСА во 2000, 2015, 2018 и во 2022 година.

ПИСА тестирањето за прв пат лани се спроведе електронски. Пред пет години, кога Македонија последен пат учествуваше во оваа обемна студија, мaкедонските петнаесетгодишници, според вештините во читање освоиле 393 поени, а просекот на земјите-членки на ОЕЦД е 487, што ја рангираше државата на 67 место од вкупно 77 држави, покажува последниот извештај на ПИСА.

ПИСА (Programe for International Student Assessment) е меѓународна студија која ги проценува способностите, знаењата и вештините на учениците во примена на она што го научиле во училиште. Се оценуваат три подрачја, оспособеност за читање со разбирање и критички пристап во читањето на пишани материјали, математичка писменост и писменост во природните науки.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе