Со мнозинство гласови, Уставниот суд на Република Северна Македонија донесе одлука за укинување на членовите 17 и 18 од Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик, оценувајќи дека со нив се повредени темелни уставни вредности, вклучително и политичкиот плурализам и избирачкото право на граѓаните.
Претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски, на прес-конференција истакна дека со спорните одредби се направени повреди и од материјална и од формална природа.
„Станува збор за суштинска повреда на политичкиот плурализам – темелна вредност на нашиот уставен поредок. Со укинатите одредби не се обезбедувале еднакви и фер услови за политички натпревар, а биле нарушени и правата на граѓаните како изборни субјекти,“ изјави Костадиновски.
Од судот оцениле дека измените не се технички, туку суштински, бидејќи го менуваат условот под кој граѓаните можат да предлагаат кандидатски листи. Дополнително, донесувањето на измените било спроведено по скратена постапка, нетранспарентно и без јавна расправа, непосредно пред изборите.
„Создаден е впечаток дека измените биле насочени кон ограничување на бројот на независни кандидати во изборната трка, што е спротивно на уставните принципи“, додаде Костадиновски.
Одлуката на Судот е укинувачка, а не поништувачка, што значи дека важи pro futuro, односно од денот на објавувањето во Службен весник па натаму. Претходните избори нема да бидат доведени во прашање. Костадиновски повика Собранието итно да интервенира и да ја пополни настанатата правна празнина:
Во овој момент нема правно правило под кое услови независните граѓани можат да учествуваат на избори. Непостапување од страна на Законодавецот ќе значи тешка повреда на човековите слободи и права и на политичкиот плурализам.