Изборите одржани во неделата во српските општини Косјериќ и Зајечар се одвивале во атмосфера на страв, притисоци и неправилности што сериозно го доведуваат во прашање нивниот интегритет. Според прелиминарната оценка на набљудувачката мисија на српската граѓанска организација ЦРТА, изборниот ден не бил ниту фер, ниту слободен, а во Зајечар дури 19 отсто од избирачките места биле погодени од сериозни нерегуларности.
Одѕивот на гласачите бил рекордно висок, 84,2 отсто во Косјериќ и 63,6 отсто во Зајечар, но наспроти тоа, целокупниот процес бил нарушен од масовно присуство на полиција и цивили со нејасни овластувања, кои според ЦРТА делувале застрашувачки и како „батинаши“. Од стартот на изборната кампања до денот на гласање, граѓаните биле изложени на институционални притисоци, злоупотреба на јавни ресурси и насилство, и медиумско и физичко.
ЦРТА забележала појава на сомнителни автомобили, паралелно водење евиденции, фотографирање ливчиња и притисоци врз набљудувачи. Во Косјериќ, на секое четврто избирачко место биле забележани најмалку четири типови инциденти, додека во Зајечар на некои локации имало и до девет различни нерегуларности.
ЦРТА пријавила и три случаи на директна купопродажба на гласови во Зајечар, каде набљудувачи сведочеле за организирано доведување на гласачи, размена на пари и одземање лични документи пред гласањето. Се забележани и гласачи кои изгледале дезориентирано или биле донесени против своја волја.
Дополнително, како нов елемент, ЦРТА алармира на вмешување на т.н. „нови набљудувачки организации“ блиски до властите, кои активно се мешале во изборниот процес и на 70 отсто од местата во Косјериќ и 40 отсто во Зајечар соработувале со партиски членови од владејачките структури. Овие организации потоа во јавноста ширеле лажни наративи против ЦРТА со цел да го дискредитираат граѓанското набљудување.
Како што најавија од ЦРТА, тие ќе продолжи да го следат изборниот процес до објавување на конечните резултати, но нагласуваат дека хроничната неказнивост за претходните изборни злоупотреби сериозно ја подрива довербата на граѓаните во демократските институции.
Инаку, на вчерашните локални избори во општина Косјериќ, разликата меѓу движењето „Не ја даваме Србија“ на Александар Вучиќ и опозицијата „Обединети за Косјериќ“ беше само 51 глас. Вкупниот одѕив беше 84,2 отсто а 119 ливчиња беа неважечки. Како што посочуваат од ЦРТА, бидејќи разликата е само 51 глас, поништување на гласањето на само едно избирачко место може да предизвика промена на резултатот.
Во Зајечар, разликата во корист на „Не ја даваме Србија“ споредено со „Промената во која веруваме“ изнесува помалку од 3.000 гласови.