Зајкова: Недозволиво е граѓаните да штедат, а политичарите и институциите да живеат како да е благосостојба

Скопје, 18.09.2023

„Започнуваме ново заедничко патување, тргнуваме во нов пресврт на политичкото делување на ЛДП, преку нова серија на средби со граѓаните и заедно со нив ќе ја изработиме новата, победничка програма на ЛДП за парламентарните избори. Оваа програмска платформа не е за да се собираат политички поени, туку е платформа во која граѓаните дефинираат што бараат од нас да спроведеме, рече претседателката на Либерално-Демократската партија, Моника Зајкова на тематската конференција на партијата „Секој е важен! Овде и сега.“ која се одржа вчера во Скопје.

– Недозволиво е граѓаните да штедат, а политичарите и институциите да живеат како да е благосостојба! Затоа ние ќе се бориме за намалување на бројот на министерства и други органи, 90 наместо 120 пратеници во Собранието, Македонија една изборна едница со отворени листи за избор на пратеници и советници за поквалитетни претставници на граѓаните, намалување на паушалите на членовите во управните и надзорните одбори, изборот на Претседател на државата да се врши во Собранието со 2/3 мнозинство, што ќе значи надминување на многу проблеми, пазарења но и финансиска заштеда, рече претседателката Зајкова.

Недозволиво е граѓаните да штедат, а политичарите и институциите да живеат како да е благосостојба! Затоа ние ќе се бориме за намалување на бројот на министерства и други органи, 90 наместо 120 пратеници во Собранието, Македонија една изборна едница со отворени листи за избор на пратеници и советници…

Таа додаде дека е неопходно е финансиско стимулирање на лекарите – плаќање по учинок, недозволиво е граѓаните да молат од улица за својот живот, затоа предлагаат  ревитализација на Фондот за здравствено осигурување преку формирање на пакет на здравствени услуги достапни за сите граѓани, нови современи лекови на позитивна листа, одржлив пензиски фонд, укинување на економските директори во здравствените установи.

-Доста ни е од козметика во правосудството. Мора да се  воведе забрана за вршење на дејност за судиите и јавните обвинители кои ја злоупотребиле позицијата и допуштиле системот да стимулира неправда и неказнетост. Поделбата на власта како принцип мора да се почитува од секого. За ова мораме да се избориме, рече таа.

Зајкова посочи дека граѓаните очекуваат и бараат конечна пресметка со системската корупција, која е „рак – рана“ на македонското општество, и која од независноста до денес ги загрозува темелните вредности на Уставот. Заради иднината на генерациите кои доаѓаат наша задача е сега и веднаш да ги детектираме сите внатрешни слабости на системот и да креираме политики преточени во реформски закони кои постојано ќе испорачуваат – ПРАВДА.

-Врз основа на најдобрите европски практики мора го подготвиме системот за ефикасна проверка на целиот недвижен и подвижен имот на сите сегашни и поранешни функционери. Стратегијата за спречување и борба против корупцијата мора во целост да се применува од страна на секоја Влада. Доста е од меѓусебни навреди кои не носат никакви промени. Во консултација со сите активни општествени чинители, надлежните институции и граѓанскиот сектор, ќе изградиме поефикасна платформа за мониторинг на јавните набавки, за таа цел предлагаме системски промени кои ќе ги сведат можностите за евентуални злоупотреби на минимум и ќе  ја зголемат отчетноста и транспарентноста во начинот на трошењето на народните пари, беше децидна Зајкова.

Претседателката на либерал-демократите посочи дека е неопходно зголемување на финансиските средства на општините, субвенционирање на бизниси основани во рурални области, викенд без ДДВ, намалување и укинување на банкарските провизии и трошоци.

– Младите не се само сегашност и иднина, тие се столбот на во секоја држава. Интензивно ќе работиме на гарантирано работно место за најдобрите студенти од сите факултети затоа што не смее да биде важно кого познава туку квалитетот, дополнителна поддршка за студентите со попреченост, ревидирање на правната рамка за превенција и заштита од семејно насилство, воведување на врсничкото насилство како кривично дело, почитување на човековите права и слободи на секој граѓанин под еднакво без ограничување на луѓето врз основа на нивниот пол, раса, боја на кожа, етничка припадност, религија, уверување, сексуална ориентација, родов идентитет. И тука не застануваме, имаме квалитетни и одржливи предлози за развој и поддршка на земјоделството, спортот, животната средина, урбанизмот кои ќе донесат подобра живеачка бидејќи СЕКОЈ ОД НАС Е ВАЖЕН, рече лидерката.

Претседателката Зајкова потенцираше дека на сите е обврска Македонија да стане земја на европски вредности во која на граѓаните ќе им се врати довербата и надежта дека внатрешните реформи се возможни, дека тие ќе обезбедат подобар животен стандард и подобра иднина.

Постави коментар

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе