Започна со работа Националниот консултативен механизам за Реформската агенда

Првиот состанок на Националниот консултативен механизам за Реформската агенда (НКМ-РА) се одржа денеска во Europe House во Скопје и онлајн преку Zoom. Механизмот, воспоставен од Институтот за европска политика (ЕПИ) во соработка со Министерството за европски прашања (МЕП), претставува нова национална платформа за дијалог со граѓанскиот сектор, академијата и стопанството во врска со спроведувањето на Реформската агенда и Планот за раст на Европската Унија.

Целта на овој форум е вклучување на поширокиот општествен сектор во следењето и оценувањето на реформите што се спроведуваат во земјава, како и нивното влијание врз економскиот развој и процесот на евроинтеграција.

На отворањето, директорката на ЕПИ, Симонида Кацарска, истакна дека со оваа иницијатива се отвора нов канал за размена на искуства поврзани со новите инструменти од Планот за раст. „Се надеваме дека ова е почеток на форум за размена на искуства за новите инструменти од Планот за раст. Тоа ќе биде еден од каналите за дискусија за темите што ги опфаќа Планот“, изјави таа.

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, посочи дека новиот механизам претставува „обид да се создаде култура на реформи заснована на доверба, отчетност и заеднички цели“. Според него, европската перспектива на земјата треба да се претвори во реалност преку владеење на правото, енергетска транзиција, дигитализација, унапредување на човечкиот капитал и добро владеење — пет столбови на Реформската агенда.

Заменик-шефот на мисијата на Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, Бен Нупнау, го поздрави одржувањето на состанокот, нагласувајќи дека е од клучно значење граѓанските организации да го следат процесот на реформи и да обезбедат јавна контрола и отчетност.

Во работниот дел на состанокот, беа претставени улогата и целите на НКМ-РА, како и досегашните активности во рамки на проектот „Следење реформи и раст во Западен Балкан“. Свои презентации имаа и Институтот Преспа, Институтот за демократија „Социетас Цивилис“, Фондацијата Метаморфозис и Реактор — членки на мрежата што ќе го следи спроведувањето на реформите.

Механизмот е дел од тригодишниот регионален проект што го води ЕПИ во партнерство со организации од мрежата Think for Europe Network (TEN), а е финансиран од Европската Унија.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press