Заврши зафатот на „Водовод“, се враќа водоснабдувањето откако половина Скопје беше без вода речиси 24 часа
Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ информира дека е завршена изведбата на главниот водоводен приклучок и монтажата на игличестиот регулационен вентил, со што, по речиси 24 часа прекин, е вратено водоснабдувањето во дел од главниот град. Од претпријатието информираат дека ваков тип на потфат се прави еднаш во неколку децении, а целта е да се подобри водоснабдувањето и притисокот на водата.
„Утрово беше постигнато нивото на редовно водоснабдување преку населено место Железара во општина Гази Баба, но поради преголема потрошувачка и повлекување од Чаир мрежата се празни пребрзо односно има пад пред да може да се стабилизира водоводната мрежа. Се замолуваат граѓаните за трпение и рационално да користат се до стабилизација на мрежата во спротивно Чаир ќе предизвика недостаток за половина град кој може да трае со денови, соопштија од „Водовод“.
Посочуваат дека со реализација на овој проект се подобруваат хидрауличките услови во водоводната мрежа, со монтирање на игличест регулационен вентил во ново изведена мерно регулациона шахта со пропратна хидротехничка опрема, како и поврзување на постоечкиот магистрален цевковод Ф 1600mm кај Железара, со постоечкиот магистрален цевковод Ф 700mm на булевар „Александар Македонски“ кој се напојува од градскиот магистрален цевковод Ф 1600mm, преку ново предвидениот магистрален цевковод Ф 700mm, кој ќе биде поставен по должината на ново предвидениот булевар „Хрватска“. Со ваквото поврзување се создадаваат условите за формирање на циркуларен прстен за поврзување на двата магистрални цевководи во градот Скопје.