Жителите на Лопате се обединија во чест на Влатко и испратија порака за единство и солидарност

Во свет во кој неретко фудбалските трибини се претвораат во сцена на која се шири говор на омраза и националистички скандирања, вчера се одигра нешто сосема спротивно на сето тоа. На едноставен, недоволно осветлен терен, далеку од очите на премиери и високи официјални претставници, во селото Лопате, кумановско, се одигра фудбалски меч во чест на Влатко Стојмановски. Сопатник, брат, пријател, сограѓанин чија љубов безусловно ја добиваше целото село.

Тоа не беше натпревар, туку беше ода на солидарноста, емпатијата и сплотеноста. Доказ дека спортот може да биде средство за лекување, а не за поделба. Овој настан, кој помина незабележано од медиумите, ги обедини локалните жители, не како публика, туку како едно големо семејство кое заедно на терен еден на друг си пружија потпора и утеха, и дстоинствено на македонски, потоа и на албански се поздравија со својот сосед.

Во селото Лопате, кумановско, се одигра фудбалски меч во чест на Влатко Стојмановски

Доне Младеновски, еден од организаторите за ваквото обединување вели дека Македониците и Албанците отсекогаш имале одличен соживот и биле пример за тоа како треба да функционира една етнички мешана средина.

„На трибините на игралиштето заеднички се следат фудбалскте натпревари и заеднички се прославува, но за жал и заеднички се тагува. Неизмерната љубов, другарство што Влатко ја негуваше со сите без оглед на верската и национална определба направи да му одадеме почит како месна заедница“, вели Младеновски.

Тој додаде дека со овој мал гест жителите сакаат да покажат единство и солидарност со членовите на неговото семејство и дека со нив ја делат тагата и болката што тие ја чувствуваат.

„Сакаме да покажеме дека сме едниствени со овие тешки моменти“, додава тој.

Жителите на Лопате се пример за соживот и солидарност

Оваа месна заедница со децении ја негува солидарноста како суштинска вредност што се пренесува од генерација на генерација. Силата на заедништвото се покажала и за време на конфликтот во 2001 година, кога жителите успеале да останат обединети и не дозволиле немирите да се пренесат во нивното село.

Ревијалниот натпревар не е само спортски настан, туку симбол на таа иста сплотеност. Организаторите велат дека преку него се испраќа јасна порака, до семејството но и до целата држава.

„Семејството треба да знае дека може да смета на поддршката и помошта од секој од нас, а ова месна заедница е пример за тоа како треба да живееме едни со други а не едни покрај други, бидејќи само така може да ја направиме Македонија многу поубаво место за живеење. Секој од нас може да стави по едно камче во мозаикот од националности што живеат во оваа наша убава земја“, рекоа од организацијата.

Ваквите настани не се реткост, но за жал, премалку се зборува за нив. Токму тие тивки, човечки гестови се темелот врз кој се гради едно здраво и солидарно општество. Организаторите и жителите на Лопате се надеваат дека ова нема да остане само еден убав спомен туку ќе биде поттик и инспирација, да продолжи да се гради заедница на разбирање, почит и човечност. Бидејќи токму во ваквите мигови, кога болката се дели, а солидарноста се чувствува, се гледа вистинската сила на едно село, на еден народ, на една држава.

Во чест на Влатко, и во чест на сите што веруваат дека заедно сме посилни.

Пишува: Деспина Ковачевска

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press