Беровскиот градоначалник Наџински со сексистички пораки кон Такева, најдобрата новинарка на истокот

Штип, 11.01.2017

Драги Наџински, градоначалник на Берово, упати сексистички, недолични, расипани пораки кон Даниела Такева, новинарка на регионалната ТВ Стар со седиште во Штип. Такева неколку години е дописник на оваа телевизија од Берово, Делчево, Пехчево и Македонска Каменица oд кои општини честопати известува и критички за определени настани. Во изборот на регионалниот центар на новинари „Исток“, токму Такева е прогласена за најдобриот новинар во регионот за 2016 година.

Правејќи прилог за дрвото секвоја во едно малешевско село, Такева погрешно го изговорила името на дрвото заменувајќи две слова во него. Тоа било доволен „повод“ градоначалникот Наџински да упати недолични, сексистички пораки кон Такева. Тоа Наџински го направи преку фејсбук страницата „Берово засекогаш“.

screenshot_2Еве што јавно, како свој став кон Такева, сподели Наџински:

„Оваа  e неписмена. Незнам каква награда добила но знам кој и ја доделил.   Таа е новинарска проститутка ништо повеќе. Сега знам за овој мој коментар ќе напише нешто лошо за мене или за Берово, но се навикнавме, не е страшно, ја прочита народот“, напиша Наџински.

На неговата „интелектуална порака“ реагираше беровецот Ванчо Бакрачевски со постот – „Е па Драги, по се изгледа ти ја почна“.

Но, на градоначалникот и ова добронамерно укажување му стана повод за нови сексистички, хистерични испади против новинарката Такева.

„Ако мислите на зборот „проститутка“ се мисли на новинарска, за сексуална ни на памет не су зошто за таа нема кој пари да даде за такви работи“, заклучи Наџински.   (Забележувате кај СУ на „писмениот“ Наџински му избега буквата М, а кај ЗОШТО треба ЗАШТО)

На оваа забелешка Наџински доби уште еднаш по ушите од Бакрачевски кој го опомена дека води „расправија со непримерен речник“, на што од беровскиот градоначалник изостана било каква реакција.

Инаку, Даниела Такева досега направила стопати  повеќе добри работи за Берово од градоначалникот. Да потсетиме на последниот настан кога токму Такева направи прилог за тешко болната полска снаа во Русинова, село во општина Берово, по што се јави кардиохирургот Жан Митрев, кој испрати болничко возило од неговата болница „Филип Втори“ , ја транспортираа тешко болната жена во Скопје каде во „Филип Втори“ и беше укажана соодветна, повеќедневна нега по што жената  беше вратена дома. Такева и порано, низ целата своја кариера, посебно внимание посветувала и помагала на бездомници, сиромашни, запоставени од општеството луѓе, што за Наџински е сосема непозната работа.

Инаку, што се однесува до писменоста на Такева, тука Наџински во однос на новинарката има ненадоместлив хендикеп. Такева е м-р по македонистика со комуникологија и е овластен лектор. Наџински е шумарски инженер па тој никако не може да биде повикан да дели лекции за писменост. Посебно не на Такева.

Регионалниот центар „Исток“ кој е во рамките на ЗНМ најостро реагира против сексистичките пораки на Драги Наџински, а се разгледува можноста овој Центар да поднесе тужба против беровскиот градоначалник.

Инаку, во Берово е познат фактот дека нивниот градоначалник знае да излезе од контртола, но овојпат Наџински  ги премина сите граници.  Тоа, според некои беровци со кои разговаравме, било резултат на фактот дека на истокот од Македонија, на последните предвремени  парламентарни избори опозицијата победи само во Берово, за што Наџински добил сериозен укор од својата партија ВМРО ДПМНЕ со јасна најава да не смета на нов мандат.