БОЧВАРСКИ: Поделени вкупно 23.000 заштитни маски…

Штип, 28.05.2020

Општина Штип оствари комуникација со Министерството за здравство, со неколку сопственици на текстилни фабрики, со здружението за заштита на работничките права „Гласен текстилец“, Клиничка Болница Штип и Центар за јавно здравје и нашите капацитети се насочени кон заштита на здравјето на граѓаните.

Според денешните податоци од Центар за јавно здравје на територија на Општина Штип има 4 нови позитивни случаеви од кои 2 се од истата текстилна компанија.

Општинскиот штаб за заштита и спасување со своите служби беше на терен и започна со дезинфекција на влезовите пред текстилните фабрики. Упативме апел до угостителите да побараат поддршка за дезинфекција на нивните надворешни тераси и влезови пред отворањето, и секако за поддршка во дел на дезинфекција на автобусите.

Нашите волонтери беа на терен пред конфекциите и делеа заштитни маски на текстилните работници. До денеска имаме поделено вкупно 23.000 заштитни маски на институции и граѓани. Волонтерите досега имаат извршено услуги на вкупно 258 стари и изнемоштени лица и апелираме тие да продолжат да ги користат нашите услуги и да се заштитат самите себе.

Ја користиме оваа прилика повторно да упатиме јасна порака до сите граѓани, а посебно до оние кои шират информации дека вирусот не постои и дека е измислица или лага, а всушност се работи за вирус кој сеуште е присутен и ќе остане овде и понатаму, а борбата со истиот овој вирус за којшто сеуште нема лек или вацина треба да го водиме сите заедно со целосна вклученост на граѓаните, работниците, сопствениците и институциите.

Задоволни сме од дисциплината на нашите сограѓани и од тоа како се справуваме со Ковид 19, но мало опуштање коешто се чуствуваше во јавноста и непочитување на мерките придонесува да повторно се појават нови случаеви.

Ќе го победиме вирусот и после олабавување на мерките, но само со крајна внимателност, дисциплина и одговорност, рече Благој Бочварски, градоначалник на Штип во своето денешно обраќање до јавноста.